еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Буџетот за 2022 година „тежи“ 4,4 милијарди евра: Еве за што ќе трошат нашите пари

Предлог-буџетот за 2022 година е развоен со зголемени капитални расходи за 27 проценти во однос на лани. Намалени се непродуктивните трошоци, а планирана е редовна исплата на платите, пензиите и социјалните трансфери. Зголемени плати ќе има во здравството, образованието, културата, судството, Јавното обвинителство…

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува дека Предлог-буџетот ќе биде донесен навреме и покрај политичката криза во земјава.

– Предлог-буџетот е навреме усвоен во Владата и пратен во Собранието и не гледам причина зошто не би се донел навреме. Има најави и од најголемата опозициска партија дека ќе биде разгледан, рече Бесими на денешната прес-конференција во Владата.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари (3,885 милијарди евра) или 32 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), а приходите на 238,9 милијарди денари (4,4 милијарди евра) или 30,9 проценти од БДП.

Дефицитот е планиран на ниво од 33,5 милијари денари (545 милиони евра) или 4,3 проценти од БДП.

Вкупните приходи и се за 7,4 проценти повисоки од 2021, додека на расходната страна има зголемување за само 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.

Кратење има кај непродуктивните трошоци. Така, во ставката стоки и услуги има намалување за шест проценти.

– Дефицитот единствено ќе се користи за поддршката на позначајниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 37,8 милијарди денари. Имаме повисоко ниво на капитални расходи во однос на буџетскиот дефицит и дефакто тоа значи развоен буџет за 2022 година, истакна Бесими.

Дефицитот и отплатата на долгот во износ од 11,6 милијарди денари (од кои за надворешниот долг во износ од 6,1 милијарди денари и за домашниот долг во износ од 5,5 милијарди денари) ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување при што, како што појасни Бесими, ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување.

Меѓу изворите за финансирање на дефицитот, првпат ќе се воведат нови инструменти како што се развојните, зелените, проектните обврзници и обврзниците индексирани со инфлацијата кои се дел од Планот за забрзан економски раст.

Кај капиталните расходи, кои се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари, има раст од 27 проценти во однос на 2021, а нивното учество во вкупните расходи е 14 проценти што претставува најголемо учество досега.

– Гледано наназад ова е историско најголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, подвлече Бесими.

Стапката на инфлација е проектирана на 2,4 проценти и се очекува во втората половина од годината веќе да се намали притисокот предизвикан од енергетската криза.

Бруто инвестициите проектирано е да се зголемат за 8,5 проценти на реална основа, а потрошувачката за 3,1 процент.

Очекувањата се дека ќе продолжи и трендот на зголемување на извозната активност на домашните компании која следната година би забележала раст од 8,3 проценти, а позитивни движења се очекуваат и на пазарот на труд каде бројот на вработени би бележел раст од 3,1 процент што би влијаело врз стапката на невработеност.

Планирани се и средства за исплата на субвенции во земјоделството, за поддршка на приватниот сектор, за спроведување на активните мерки за вработување, а ќе се зголемат и средствата што ќе ги добијат општините согласно реформата за унапредвање на фискалната децентрализација.

За здравствена заштита планирани се средства во износ од 36 милијарди денари, кои во најголем дел се наменети за финансирање на здравствените услуги, мерките за заштита од ковид пандемијата и достапност на лековите за населението.

Притоа, не се изоставени и здравствените работници кои ќе добијат зголемување на платите за што се предвидени 700 милиони денари.

Буџетот има четири основни цели – продолжување на грижата за заштита на здравјето, економско заздравување, зголемување на инвестициите и непречено финансирање на основните функции на државата.

Буџетот е креиран врз основа на очекувањата за економските движења на глобално ниво, а посебно на Германија како наш најголем економски партнер. На глобално ниво се очекува следната година да се вратат стапките на раст од преткризното ниво.

Растот на глобалната економија во 2021 година се очекува да достигне 5,9 проценти, а во 2022 година да изнесува 4,9 проценти, согласно октомвриските проекции на ММФ.

За ЕУ, проектирана е стапка на раст од 5,1 процент за 2021 година и 4,4 роценти за 2022 година, додека за Германија како наш најзначаен трговски партнер се предвидува раст од 3,1 процент во 2021 и 4,6 проценти во 2022 година.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Споменици на бранителите ќе има, градоначалникот на Желино да не мудрува, половина од градбите во општината му се дивоградба, вели Петровска

Редакција

МОН ќе предложи забрана на користење на Тик Ток во училиштата

Редакција

Лидија Димова разрешена од директорската функција

Редакција