еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Чадиковски: Се подготвува Регистар на професионални онлајн медиуми

Предлог-планот на Владата за борба против дезинформациите, лажните вести, положбата на новинарите, онлајн медиумите беа темите на кои разговаравме со претседателот на Здружението на новинари и в.д главен и одговорен уредник на телевизија „24“, Младен Чадиковски.

Имајќи предвид дека предлог-планот на Владата за борба против лажните вести ги изненади новинарите и ЗНМ, според Чадиковски, ќе беше пофер доколку фелата беше консултирана претходно, пред Владата да излезе со предлог-планот во јавност. Забелешките, тие веќе ги кажале на состанок со премиерот Зоран Заев и неговиот тим.

„Нашите забелешки генерално беа прифатени и договорено е во наредниот период да се одржат дебати. Треба да се исклучи дека ова се прави за да се ограничи слобода на изразување. Најпрво треба искрено да си ги кажеме работите со носителите на власта. Никој нема да дозволи цензура и да се врати она време кое беше. Се надевам дека намерата не е таква. Но, мора да се заштитиме, бидејќи не знаеме што носи иднината“, вели Чадиковски.

Една од забелешките е во однос на дефинирањето на професионалните стандарди и оценки за тоа дали некој новинар е медиум или етичен, тоа може да го прави исклучиво новинарскиот еснаф.

„Тука нема зошто да се меша Владата, таа треба да одговара на прашањата на новинарите, а не да кажува дали некој е добар или лош, тоа потсетува на други времиња. Ние го охрабривме потегот на Владата да си направи свој одбранбен механизам, внатре во институциите.

Она што не загрижи, тоа се дел од тие проактивни мерки кои имплицираа на тоа дека Владата ќе прави кампањи за едуцирање, што повторно е недоречено. Не би сакале да се сведе на нови владини реклами во медиумите. Владините кампањи го донесоа целиот непрофесионализам и корупција.

Проблематичен е и делот на критериуми за акредитирање на медиуми. На кого ќе му забраните да дојде во Влада што се декларира како новинар. Тоа веќе би имплицирало дека треба да има лиценци за новинари. Тогаш ќе треба да се менуваат системски закони во Собранието за да може да се отвори дебата, дали такво нешто е потребно. Ние сметаме дека не е потребно, но еве доколку некој смета дека тоа треба да се прави, сигурно не треба да се оди преку Владин план, туку преку Собранието.

Идејата зa формирање на Акциската група за борба со дезинформации, која во предлогот имаше малку чуден состав и улога, остави недоречености во тоа што би правела. Дали ќе се сведе на цензорско тело или пак навистина ќе биде во делот на внатрешниот механизам на Владата. Доколку е во делот на внатрешниот механизам на Владата, тогаш е нивна работа“, додава Чадиковски.

Политичарите се најчести создавачи на лажни вести

Според него, битката со дезинформации е глобален проблем и потребата од суштинска борба против дезинформации постои секаде во светот и кај нас. Но она што е најважно, смета тој, е што битката со дезинформациите мора да оди преку еснафот и новинарските здруженија, Советот за етика. Еснафот најдобро ги познава проблемите со дезинформациите.

„Изминатата декада се случија многу пресвртни ситуации во новинарството, што донесоа до урнисување на некои стандарди во професијата. Од тој аспект сите ние професионалците останавме затечени како да се бориме со непрофесионалците во еснафот. Во најголем дел лажните вести се креирани од политичарите, а потоа новинарите што од немање време, што од немање квалитет го пренесуваат тоа и се креира лажна вест и турбуленција во општеството“, смета Чадиковски и додава дека лажните вести, секогаш се произведуваат од некаква општествена или политичка цел.

Тој го посочи примерот околу вестите кои се однесуваа на киднапирањето на деца на улица.

„Тоа е суптилно креирана лажна вест, која го допира секој родител кој тука реагира емотивно. Кога имаш емотивна реакција не си доволно рационален и немаш време да ја провериш информацијата, па удираш по институциите на државата. Креираш една општа клима на недоверба кон функционирање на систем, иако, не дека тој функционира беспрекорно“, вели Чадиковски и додава дека секој општествен чинител треба да учествува во сузбивање на лажните вести.

Саморегулација на онлајн медиумите

Во однос на саморегулацијата на онлајн просторот, во предлог-планот на Владата се спомнува зборот корегулација што, според Чадиковски, имплицира на промена на закон во овој сегмент.

„Ние сметаме дека во оваа кревка демократија, рано е тоа да се прави. Сите сме за тоа да се почитуваат професионалните стандарди, посебно во онлајн сферата, каде што се и најголем дел од производителите на лажни вести и каде што најмногу се кршат стандардите. Но, мора да истакнам дека веќе неколку месеци во подготовка е план за саморегулација на онлајн медиумите, кој го работиме со Советот за етика и Стопанската комора на Македонија, при што ќе се изготви регистар на професионални онлајн медиуми.

Сето тоа ќе го искомуницираме со бизнис заедницата, за на крајот на денот да добиеме што повеќе професионални медиуми и портали, а бизнис-заедницата да има правилни насоки за тоа каде треба да ги пласираат своите реклами и адвертајзинг кампањи, во однос на професионалноста на медиумите, а не во однос на тоа каква уредувачка политика има. Бидејќи каква и уредувачка политика да има, мора да се држи до професионалните стандарди“, вели Чадиковски.

Стандардите за тој регистар ќе ги направат во консултација со професионалните медиуми, а истиот тој треба да биде готов до крајот на годината. Очекуваат поддршка од професионалните медиуми, а идејата е барем полупрофесионалците да се доведат во ред.

„Потребно е таа професионализација да се издигне на повисоко ниво и бизнис-заедницата, маркетинг агенциите да ја прифатат како таква. Секогаш ќе постојат рекетари, но за тоа си постојат членови во кривичниот закон, уцена, изнуда, крадење авторски права, но, проблемот е што нема примена.

Судството нема големо искуство со тоа, а и како да нема волја да спроведе практики што функционираат. Има исклучоци,  скопскиот суд конечно ги прифаќа тужбите за онлајн медиумите. Тоа е и еден од начините на признавање на онлајн медиумите како медиуми, затоа што голем дел од фелата тоа го бара“, објаснува Чадиковски.

Новинарите да не се обесхрабруваат

Имајќи предвид дека Чадиковски беше дел од „А1“ телевизија, потполно ја разбира неизвесноста со која се соочуваат новинарите во „1ТВ“, по отварањето на случајот „Рекет“.

„Никој не треба да губи верба во својата професија, затоа што ќе се соочи со некој настан во одреден дел од својата кариера или живот. Посебно не, младите професионалци. Секогаш за нив ќе се најде место. Квалитетот ќе си го најде патот. Добро е што повторно почнаа со емитување вести, зошто најголем дел од тие новинари, сниматели, монтажери и останати медиумски работници се професионалци и не по своја вина се најдоа во тешка ситуација. Напротив, најголем дел од нив и покажаа висок степен на посветеност кон суштината на новинарската професија“, вели Чадиковски.

На прашањето како понатаму, во време на пазарот е навистина тешко да се избориш со квалитет, Чадиковски вели дека мора да се направи медиумска стратегија.

„Кога ќе видите кои луѓе раководат или се сопственици на медиумите изминатите 20 години, што повеќе да се каже, менуваат уредувачки политики зависно од тоа кој е на власт, наместо да се држат до принципи. Пазарот е мал и медиумите зависат од пари кои не се чисти. Таков е случајот со „1ТВ“, таков беше случајот и со владините кампањи порано. Но, тоа на крајот на денот не донесува професионална сцена.

Случајот со „1ТВ“ не ни требаше, од ниеден аспект. Посебно сега кога се ослободи малку медиумскиот простор. Можеби немаше клучни системски промени, но се создадоа предуслови да се тргне напред. Барем слободата на говорот не беше ограничена и загрозена. Сега се враќаме чекор назад. Проблемот е што медиумите остануваат финансиски зависни, а кога си зависен од одредени центри на моќ, тогаш не си слободен за делување, настапува цензура и автоцензура. Ќе биде потребно време, воља и медиумска стратегија за поголемо финансиско осамостојување на медиумите, но не со државни пари“, вели Чадиковски.

Според него, професионалните стандарди зависат и од социјалната положба на новинарите. Ако новинарите се задоволни со висока плата, тогаш тие потешко ќе подлегнат на каков било притисок.

Во медиумската стратегија која ја подготвува ЗНМ, состојбата во која се наоѓаат новинарите е вметната во една од точките.

„Голем дел од медиумите заради непазарните услови, поради се што претходно наведовме, работат под нивото на рентабилност, цените на рекламите се ниски, економијата слаба, медиуми премногу. Во такви услови, темпото со кое се зголемуваат платите во медиумскиот сектор не е такво какво што посакуваме сите. И тоа влијае на квалитетот на новинарството. Ова е еден магичен круг, но мора да се смени, новинарите мора да бидат задоволни со своите плати“, вели Чадиковски.

И кога не сум присутен на работа, со дел од мислите сум таму

По изборот за претседател на ЗНМ, Чадиковски се повлече од функцијата главен и одговорен уредник на телевизија „24“, но по повлекувањето на Огнен Јанески од главен и одговорен уредник, Чадиковски сега е в.д.

Летово паузира со емисијата „Отворено“ која ја води, а од септември најавува новитети. За квалитетните и добри емисии, Чадиковски вели  дека се еден од начините да се наметнат стандарди, а тоа е клучно во борбата против лажните вести.

„Парите од странските фондови кои промовираат демократија и слобода на медиуми одиграа важна улога, особено во делот на истражувачкото новинарство и тогаш кога само партиските медиуми имаа пари. Со дезинформациите најдобро се бориш, ако се спротивставиш со квалитетно новинарство. Описменувањето треба да тргне од основно училиште“, додава Чадиковски.

Прашан за слободното време, тој вели дека и кога не е на работа со еден дел од мозокот е таму.

„Тоа почнува да ме нервира. И кога сум со блиските, со еден дел од мозочната сфера сум присутен на работа и тоа не е добро, бидејќи најблиските го препознаваат тоа. Сепак се трудам да дадам љубов колку што можам повеќе. Ако предуслов за среќа во животот се три нешта, семејството, пријателите, работата, односно да се оствариш лично и професионално, тогаш можам да кажам дека сум среќен. Но човек секогаш може и подобро и повеќе“, вели Чадиковски.

Со сопругата и децата обожуваат патувања, сакаат дружења со пријателите, а незаборавни се и седенките со поширокото семејство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ако бројките на заразени со Ковид-19 не се намалат, Филипче најави продолжување на полицискиот час и скратено работно време на кафеаните

Редакција

Ако се замрзне цената на лебот, ќе го прекинеме производството, најавија од пекарската индустрија

Редакција

Заев со синот Душко возеше квадрицикл

Редакција