еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Дали со новите мерки се прекршуваат човековите права?

Пренесено од ПИНА

Освен што се први на „удар“ од новиот делта сој, најопасната варијанта на Ковид-19 досега, македонските граѓани кои не се вакцинирани или не го прележале вирусот, се и најзасегнати од новите рестриктивни мерки на Владата.

Тие од минатата недела без разлика на капацитетот и бројот на посетителите, не можат да влезат во угостителски објекти, кафулиња, барови, на настани од секаков вид, прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина, затворен дел на шопинг мол, како и на аеродромите во Скопје и Охрид.

За да можат да го направат тоа ќе им треба потврда за вакцина, барем една доза или за прележан Ковид-19, но која ќе важи само 45 дена по оздравувањето.

Истите работи плус опцијата ПЦР-тест од 1. септември ќе им требаат и за влез во Македонија, а ако не поседуваат ниеден од овие ковид документи ќе одат седум дена во домашна излолација.

Мерките наидоа на доста негативни реакции во јавноста, но истовремено истите имаа и влијание врз зголемување на дневното ниво на први вакцинации.

Не сите човекови права се неограничени

Правникот Мартин Сопронов од Институтот за човекови права за ПИНА вели дека не сите човекови права се неограничени, посочувајќи ја Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, посочувајќи дека и таму стои дека постојат исклучоци кога е во прашање заштитата на здравјето.

“Постојат права кои се штитат со Конвенцијата и протоколите кои не можат да бидат предмет на ограничување како што е правото на живот заштитено со член 2 од Конвенцијата. Но, постојат права кои при точно определени случаи можат да бидат предмет на ограничување, како што е правото на движење“, вели тој, посочувајќи го Протоколот 4 кон Конвенцијата.

Во Протоколот 4, во член 2, став 3 стои дека остварувањето на правото на движење може да биде предмет на ограничувања во случаи предвидени со закон, кои претставуваат неопходни мерки во интерес на националната безбедност, јавната безбедност, одржувањето на јавниот ред, спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите во едно демократско општество и дека правото на движење може да биде предмет и на ограничувања во некои области доколку таквите со закон предвидени ограничувања ги оправдува јавниот интерес на едно демократско општество.

Советот на Европа уште лани испрати инструкции до земјите членки низ Европа за почитување на човековите права, демократијата и владеењето на правото за време на кризата со Ковид-19.

„Вирусот уништува многу животи и многу други работи што ни се многу драги. Не треба да дозволиме да ги уништи нашите основни вредности и слободните општества. Главниот социјален, политички и правен предизвик со кој се соочуваат нашите земји-членки ќе биде нивната способност ефикасно да одговорат на оваа криза, истовремено осигурувајќи дека мерките што ги преземаат не го поткопуваат нашиот вистински долгорочен интерес за заштита на основните вредности на Европа за човекови права, демократија и владеење на правото “, изјавија оттаму.

Потенцирано е дека треба особено да се внимава на тоа, мерките и рестрикциите кои се носат да бидат ограничени во времетраењето и во обемот, како и тоа секогаш да се почитуваат основните стандарди за човекови права, вклучувајќи слобода на изразување, приватноста и заштитата на податоците, заштитата на ранливите групи од дискриминација и правото на образование.

Повисока граѓанска свест за заштита на колективното здравје

Новите мерки на Владата предизвика поделени реакции во јавноста и на социјалните мрежи, а се отвори и прашањето дали тие го ограничуваат правото на движење и дали тоа не е прекршување на основните човекови права.

Пред неколку дена во Скопје и се протестираше по втор пат против новите мерки, а на протестите кои првично беа најавени како протести против рестрикциите, доминираше анти-ваксерскиот наратив.

За извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, рестрикциите се покриени со законите каде е потенцирано дека има исклучоци за ограничување на движењето, на пример, кога е во прашање јавното здравје.

“Секој граѓанин има право на избор, да се вакцинира или не, но личниот избор неможе да биде на штета на јавниот“, вели таа за ПИНА и го посочува членот 39 од Уставот, во кој стои: “На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“.

Деновиве од Хелсиншкиот комитет посочија дека пандемијата со Ковид-19 го отежна нормалното функционирање насекаде низ светот, и дека рестриктивните мерки, кои се составен дел од справувањето со здравствената криза, го ограничија и правото на движење, а истите задираат и во други човекови права.

„Но, со оглед на фактот дека пандемијата може да се стави под контрола само преку висока стапка на имунизација и со почитување на здравствените протоколи, апелираме на повисока граѓанска свест и одговорност кон овие прашања“, посочија оттаму.

Сепак, дел од медицинската заедница реагираше на нелогичностите на дел од мерките, како на пример потврдата за прележаност која се бара за влез во локациите, која важи само 45 дена, рок кој според експертите е прекраток.

Во повеќе земји низ Европа, освен потврда за вакцинација имаше можност да се влезе во кафе барови и други локации со потврда од направен тест во рок од 72 часа, а тестовите се достапни на многу места и се или бесплатни или со значајно пониски цени.

Критики добива и несоодветното справување на властите со здравствената криза, со мерки кои не се соодветни, се задоцнети или пак не се планира долгорочниот ефект од истите.

Несоодветни мерки – големи бројки

Микробиологот Никола Пановски вели дека поради несоодветните мерки од претходно, сега одлуката за враќање на учениците на училиште е тешка, со аргумент „за“ но и „против“.

„Имено, во услови на мирна состојба, без никаква контрола на границите, со овозможување на свадби, прослави и концерти, дури и во затворен простор, се дозволи брзо ширење на оваа варијанта, иако се знаеше дека не чека попис, избори и најважно, почеток на учебната година.

Сега им е тешко да кажат заради свадбите, кои траеа до 16.08, нема да ги отвориме училиштата. Јас лично би почнал со комбиниран модел, во смени на две недели,“ вели Пановски.

Во меѓувреме поради новиот бран на Ковид-19 во значен број држави низ светот се воведуваат дополнителни рестрикции поради новиот бран на случаи предизвикани од Делта варијантата.

Во соседна Грција ограничувањата за влез во затворениот дел на угостителските објекти, кина, театри, но и во отворените делови на дискотеки и клубови за невакцинираните и тие што не го прележале Ковид-19 се на сила од минатиот месец, а во сред туристичка сезона вакви мерки воведе и Црна Гора.

Во Франција отидоа уште подалеку, па на невакцинираните и тие што не го прележале вирусот им е забранет влез и во теретана, на базен, во музеи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Маж од селото Кокошиње – прва жртва на пожарите

Редакција

Во Македонија ќе се увезуваат работници од странство, првично од Западен Балкан

Редакција

За 2,6 пати повеќе нови случаи на Ковид-19 во Македонија споредено со минатата недела

Редакција