Многу скоро ќе го намалиме данокот на добивка за ИКТ компании за одредени дејности на три проценти и се надеваме дека голем број домашни и странски компании ќе ги зголемат своите капацитети, ќе отворат нови работни места со многу подостоинствени плати, како што тоа го нудат ИТ компаниите, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
На денешната панел дискусија „Дигитализација 2019 во Република Северна Македонија“, Манчевски истакна дека Владата ги поддржува домашните и странските компании во активностите за развој на бизнисот и ги мотивира да инвестираат уште повеќе во капацитети.
Соработката со приватниот сектор, како што рече Манчевски, е особено значајна за спроведување на дигитализацијата во институциите, што е столб на реформите во администрацијата.
Според Манчевски, основата за да се зголеми значително бројот на електронски услуги од институциите до граѓаните е регистарот на население чија инсталација треба да заврши за две недели и по периодот за тестирање да се пушти во употреба.
– Во финална фаза сме на инсталација на електронскиот регистар на население после кој веднаш треба да го пуштиме во употреба и новиот национален портал на електронски услуги. Но, развојот на новите услуги не може да се одвива без поддршка од приватниот сектор.
Затоа ни е важна соработката со стопанските комори и со приватните компании што даваат поддршка за нови иновативни ИТ решенија и на институциите на системот. Потребна е заедничка работа. Дигитализацијата е заеднички напор и таа не може да се случи без сите да се вклучиме во неа, изјави Манчевски.
Тој истакна дека со неодамна донесените закони за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, дигиталните документи стануваат паралелно важечки како и хартиените и дури и добиваат поголема предност.
– Ниту една институција нема да смее да ви бара документ на хартија согласно новиот закон доколку го имате електронски, а досега не беше така, рече Манчевски.
МИА