Зимата во земјава и на северната хемисфера на Земјата календарски почнува денеска во 11 часот и 2 минути. Во истовреме на јужната Земјина полутопка почнува летото.
На почетокот на зимата денот е најкраток, а ноќта најдолга. Сонцето во Скопје изгреа во 6 часот и 58 минути, а ќе зајде во 16 часот и 5 минути. Денов трае 9 часа и 7 минути.
Понеделник, 21 декември, е 356-иот ден во 2020 година, која како престапна има 366 дена. До крајот на годината остануваат уште 10 дена.
Зимата ќе трае до 20 март 2021 година во 10 часот и 37 минути кога на северната хемисфера настапува пролетта, а на јужната есента.
Метеоролозите за првиот зимски ден најавуваат облачно време со слаб локален дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Денеска ќе се случи и редок астрономски феномен кога двете најголеми планети во Сончевиот систем, Јупитер и Сатурн, ќе бидат во конјункција, односно најблиско привидно приближување, на само шест лачни минути. Следната слична конјункција на двете планети ќе биде во 2080 година.
Овој феномен ќе може да се набљудува кратко по зајдисонце, доколку тоа го дозволат метеоролошките услови.
МИА