Пресудата за Зоран Милески – Кичеец за „Рекет“, Судот ќе ја изрече денеска напладне.
Милески призна вина и поради тоа беше експресно издвоена постапка за предметот „Рекет“ која се води против него.
Бранителот на Зоран Милески Кичеец, адвокатот Александар Новаковски, вчера рече дека обвинетиот од самиот почеток на процесот, имал шанса како сведок да го избегне обвинението, но тој од незнаење се довел во ситуација да биде обвинет.
„Од тој момент, тој се соочува со јавен линч. Тој е вработен во фирма на тој што го пријавил ова дело. Откако се донесе одлуката од Обвинителството тој одлучи да учествува и да го кажа сето тоа што го знае“, изјави Новаковски.
Побара Судот да има предвид дека случајот е медиумски покриен до тој степен што човек како Зоран Милески не може да издржи. Новаковски кажа дека Кичеец никогаш не бил експонирана јавна личност и не бил во состојба да се справи со притисокот.
„Судот да има предвид дека е татко на пет малолетни деца и досега е неосудуван. Тој од самиот почеток, иако не призна вина, ја зборуваше вистината пред Јавното обвинителство. Верувам дека Судот ќе го цени и признанието на вина“, изјави адвокатот Александар Новаковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Боки 13 шокираше со изгледот“: Судењето за „Рекет“ топ тема во регионот
Ќе открие ли Боки 13 навистина каде се парите и кој е организаторот и помагачите во „Рекет„?
Кичеец бил вработен кај Камчев: За него пресуда утре, бидејќи призна вина за „Рекет“