Одѕивот во првиот круг на Претседателските избори до 18:30 часот изнесува 39,71 отсто од обработени 91,54 проценти од избирачките места или на гласање излегле околу 700 илјади граѓани, соопшти вечерва на прес-конференција претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.
Најголема излезност има во Гевгелија 59,25, Кавадарци 53, Карпош 49,89 отсто, а најниска во Боговиње 17,93 отсто.
Деркоски изнесе преодна оценка за изборниот ден.
-Врз основа на она што преку целиот ден го следевме можам да кажам дека изборниот ден за овие претседателски избори добива една преодна оценка со оглед на многу малиот број ситуации во коишто имаше можеби нарушување на гласачкото право на гласачите. Тие го искористија нивното право на приговарање ние по нивните приговори одлучивме.
Сметам дека воглавно денот со исклучок на местата што изутрината не беше отворено помина добро и се надевам дека преостанатите половина час ќе поминат исто така во мирна и добра атмосфера.
Ќе можеме многу бргу тука да ги добиваме резултатите и да видиме како гласале граѓаните, рече Дерковски.
Пристигнати се уште четири нови приговори покрај претходните 10, а од новопристигнатите е прифатен само еден и е дадена можност да се оствари гласачко право.
Одѕивот на локалните избори што исто така се одржуваат денеска во три општини до 18:30 часот во Дебар изнесува 42,7 проценти, во Ново Село 47,46, а во Охрид 49,36 проценти.
На 3.480 избирачки места во земјава денеска можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.
МИА