Министерот за надворешни работи, Никола Димитров извести дека околу 2.300 граѓани се затечени на граници и на аеродромите и чекаат да бидат вратени дома.
Тие се низ целиот свет, но со најголема концентрација во европските држави.
Димитров информираше дека на Влада е донесена одлука да се организираат хуманитарни летови за да се вратат дома, а обврската е 15 дена да бидат во задолжителен државен карантин.
„Ги повикувам сите граѓани кои не се пријавиле, тоа да го сторат на е-маил или телефонски броеви на конзуларните претставништва, најдоцна до 18 часот во недела. Потребна ни е прецизна евиденција за да се организираат хуманитарните летови, кои нема да бидат пракса, туку само овој период,“ рече Димитров.
Министерот исто така информираше дека се прават обиди со државите од ЕУ да нема правни последици врз нашите државјани кои се затекнати во Шенген зоната, а го пречекориле рокот од 90 дена за престој таму.
Владата исто така прави напори парите од ИПА кои ги има државата, да се пренаменат за борба против корона вирусот и станува збор за отприлика 58 милиони евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ