До Државната изборна комисија (ДИК) до 11 часот нема поднесени приговори од политичките партии и коалиции кои учествуваа на изборите во средата иако роковите започнаа да течат синоќа кога беа објавени неофицијалните конечни резултати.
До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање додека до сабота навечер околу 19 часот и 30 минути истекува рокот за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.
ДИК со задоцнување вчера ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот, хакерски напад на веб-страната на Комисијата.
Предвремените парламентарни избори се одржаа под посебни услови поради пандемијата со Ковид -19. Се гласаше во понеделникот кога се изјаснуваа лицата со Ковид -19 и во самоизолација, во вторникот кога гласаа болните, изнемоштените и хронично болните и затворениците и во средата кога беше изборниот ден.
Победи коалицијата „Можеме“ предводена од лидерот Зоран Заев, кој освои 46 мандати на изборите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 44, ДУИ освои 15 мандати, Алијансата на Албанците и Алтернатива 10, Левица 2 и ДПА 1 мандат.
Дел од партиите учесници на изборите се пожалија на нерегуларности и грешки во сумирањето на резултатите и најавија дека ќе поднесат приговори до ДИК и другите надлежни институции.
МИА/Фото: МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДУИ „ќарила“, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изгубиле пратенички мандати
Сите детали од ДИК: Коалицијата „Можеме“ доби 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, а ДУИ 15
Симулација на пратенички мандати: Коалицијата „Можеме“ 46, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15