Според податоци на Обединетите Нации 30 проценти од рибите веќе се отруени со пластика, а до 2050 година во морињата ќе има повеќе пластика отколку риби.
Според проценки на американскиот Завод за заштита на животната средина, светската потрошувачка на пластични кеси го достигнала годишното ниво до 1.000 милијарди парчиња.
Од тоа, поради високите трошоци се рециклира само помалку од еден процент – поскапо е да се рециклира пластична кеса отколку да се направи нова.
Природата го плаќа највисокиот данок, затоа што преостанатите 99 отсто ги загадуваат морињата, реките и езерата, ветерот ги разнесува по копното, канализацијата ги носи во водите.
Пластичните кеси се произведуваат од полиетилен, нафтен дериват кој се разградува илјада години, а неговите отровни хемикалии влегуваат во земјата, езерата, реките и морињата.
Десетина илјади китови, птици и желки секоја година умираат поради пластичните кеси во морето.
Многу земји ширум светот сериозно ја сфатија опасноста од пластичните кеси, поради што голем број ги забрани или воведе даноци за нивна употреба.
МИА