Микробиологот Никола Пановски е личност на годината на еМагазин за 2021 година.
Откако почна ковид-пандемијата, се потенцираше значењето на важноста на здравствените работници, без кои, невозможно е да се води оваа битка на дневно ниво.
Лани, токму сите здравствени работници беа избрани за личности на годината на „еМагазин“, а годинава изборот е Пановски.
Зошто Пановски? Бидејќи е здравствен работник, а народски човек.
Пановски со своето „скромно“ искуство, 41 година лекар, 37 години специјалист, 30 години наставник, многу помогна во оваа пандемија од повеќе аспекти.
Тој е гласот и разумот на науката, во борбата против вирусот. Прв укажа на прекумерната употреба на антибиотиците, и штетата од нивното лекување во Ковид-19, при што беше „крената рачна“од страна на матичните лекари и фармацевтите.
Еден од ретките, кој употреби логика во укажувањето на нелогичноста на некои од мерките.
Она што е најважно, Пановски, секогаш беше достапен за да си го каже своето стручно мислење во врска со она што го прашуваа. И тоа се случуваше во еден комплициран период, кога поради презафатеноста и недостаток на кадар, граѓаните не може да дојдат ниту до нивните матични лекари.
Еден од ретките кои толкувал крвни анализи на граѓани, во коментари, на поставени прашања на постови на социјални мрежи. Веројатно, неговиот телефонски број е најсподелуваниот изминатите две години.
„Тоа ми е предизвик. Сепак мојата главна мисија на овој свет е едукација, а сега тоа го правам и тоа ме исполнува. На некој начин помагам, а и побрзо минува времето. Дневно одговарам на просечно 20 прашања, или сигурно над 3.000 совети сум дал од март наваму.
Многупати сум одговорил дека не знам, а граѓаните тоа го ценат. Имено, многу сум читал, сум се едуцирал и имам големо искуство, 41 година сум лекар, 37 години специјалист, 30 години наставник,“ одговори Пановски на прашањето, дали секогаш кога се движи по улици, граѓаните го застануваат на секој чекор.
Пановски е многу достапен и за новинарите, кои за да информираат правилно за одредени аспекти на пандемијата, мора да се повикат на стручњаци, а еден дел од нив, останаа недостапни.
Советите, мислењата кои еМагазин ги споделуваше од него, многу често дадени и за други медиуми, и наши колеги, беа најчитаните текстови. Тоа нам ни беше показател, дека граѓаните нему му веруваат во она што ќе го каже и се „потпираат“ на неговото мислење.
Оттука, ја видовме и улогата на Пановски во контекст на правилното и точно информирање за избавување со пандемијата.
Признанието Личност на годината, еМагазин го доделува од 2013 година.
Личности на годината за 2020 година беа здравствените работници.
Личност на годината за 2019 година беше главната хероина на документарниот филм „Медена земја“, Атиџе Муратова, која со својата скромност и однос кон пчелите остави силен впечаток врз милиони луѓе во светот.
Личност на годината за 2018 година на еМагазин беше актерката и активистика Ирена Ристиќ, која ја крена свеста на граѓаните и институциите за здрава животна средина.
Во 2017 година, Личност на годината беше тогаш главниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“ и селекторот на Македонската репрезентација Раул Гонзалес, поради историскиот успех на РК „Вардар“ со освојување на тронот во Лигата на шампиони на ЕХФ.
Во 2016 година Личност на годината беше обвинителката Фатиме Фетаи, поради зборот правда која често го користеше.
Во 2015 година ја избравме Ленче Здравкин, поради несебичната грижа кон бегалците, нејзината помош и големото срце.
Во 2014 година Личност на годината на еМагазин беше студентот од Битола, Томе Кириази, кој на сиромаштијата и пркосеше со своето знаење и натпросечна интелигенција.
Во 2013 година ја избравме уметничката Розе Мојсовска, која и покрај телесниот хендикеп, создава уметнички дела цртајќи со уста.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Личности на годината на „еМагазин“: Македонските здравствени работници
Личност на годината на еМагазин: Атиџе Муратова
Личност на годината на „еМагазин“ е Ирена Ристиќ