Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави базата на податоци за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава.
Базата на податоци открива дека противпожарните единици располагаат со само 220 возила.
Притоа, овде спаѓаат не само цистерните и возилата за гасење пожар, туку и сите други возила на противпожарните екипи.
Просечната старост на овие возила е 27 години и дури 154 од 220-те возила (70%) се произведени во минатиот век.
За споредба, министерствата и општините (според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година) имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно специјално противпожарно возило.
Кај патничките возила има обратна ситуација, односно само 29% се од минатиот век, а 71% се купени во новиот милениум. Наспроти 27-те години на противпожарните возила, патничките просечно се стари 12,5 години.