На 5 јуни, во рамки на планинарската тура за искачување на врвот Чапарец на Кораб, дел од Планинарскиот предизвик „12 Врвови“, се одржа и промоција на книгата – џебна брошура „Записи за Кораб“, посветена на планината Кораб и нејзините (не)откриени врвови, езера, водопади, предели и величествени убавини.
Книгата „Записи за Кораб“ се состои од 2 дела во кои на 48 страници се содржат: Општ географски преглед на планината Кораб и нејзините (не)истражени врвови, езера и предели кој опфаќа опис на природно-географските одлики на планината Кораб, историски осврт на преданијата од народното творештво за името на Кораб и записи од првите планинарски походи во минатото и описи со предлози за именување на помалку познати врвови, езера, водопади, места и предели на Кораб напишан од Марио Шаревски и извадоци од записи од Планинарскиот дневник прибележан и раскажан од Зоран Тодоровски со податоци од нашето прво трансверзално планинарско минување по целата планина Кораб во 2019 г.
Оваа книга – брошура настана како плод на првиот тридневен трансверзален поход со шатори по целиот срт на планината Кораб во 2019 година, кој беше повторен и продлжен и во 2020 во чест на 1000 годишнината на Бигорскиот Манастир, а во себе содржи податоци од истражувања и посети на планината Кораб од 2015 и 2018.
Целта на оваа книга – брошура е преку именувањето и дадените податоци за точната местоположба, во сообразност со споделеното искуство од посетите на овие врвови, езера, места и предели да се оствари придонес во насока на зголемување на бројот на посети на планинарите и туристите, а со тоа и за промоција и поголемо искористување и развој на потенцијалите на Кораб, кој нуди извонредно големи можности во поглед на планинарството и туризмот, а со тоа и за сеопштото економско искористување, вреднување (валоризација) и добросостојба.
Примероци од книгата беа поделени на сите присутни планинари на акцијата, а ќе бидат поделувани и во следни планинарски акции и искачувања на планината Кораб.
Книгата „Записи за Кораб“ е во издание на здружението „Единствена Македонија“ во чие што десетгодишно постоење ова е второ издание по преводот и објавувањето на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 2016 на 120-годишнината од нејзиното првично отпечатување во 1896, а чии географски описи се основа на многу денешни планинарски акции и активности нашето планинарско друштво и планинарскиот предизвик „12 Врвови“.
За разгледување и читање во целост на книгата во електронска форма посетете го овој линк, за албум со слики од книгата со глетки од Кораб посетете го овој линк.