еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Елзесер: Во Маврово се чувствувам како дома, овде има еден сосема друг Јохан

Со познатиот скопски угостител Јохан Елзесер, сакав да направам интервју за да видам зошто толку го фали Маврово, бидејќи го рекламира како Сент Мориц. Таа негова љубов кон овој ски-центар, се гледа и низ одговорите, на кои јас не можам да си ги препознаам прашањата. И решив наместо интервју да оди како приказна. И тоа како љубовна приказна, помеѓу Јохан и Маврово, раскажана лично од него.

„Сакам на сам старт да напоменам дека разговарате со човек, кој кога ќе ја помине „браната“, организмот му реагира така што срцето различно му куцка, пулсот е смирен, притисокот го нема, или едноставно со еден збор „ДОМА“. Го сакам МАВРОВО бидејки го чувствувам како ДОМА. Во Маврово има еден сосема друг ЈОХАН.

МАВРОВО го знам од 1980 година, поточно од мои гимназиски денови. Бевме генерација, која секој петок со 500 динарка од тато и мама, седнуваше во автобус со мало ранче, кондури и скии на рамо и правец Маврово, а во недела назад. Бевме генерација на која не и беше важно сместувањето, од Анови до Бистра, кој каде најде и стигне, а поголем број се шверцуваа по познатите одморалишта Макошпед, Југобанка, Макпетрол, Електродистрибуција итн. Бевме генерација на која најважно и беше скијањето и ништо друго, и на никој не му сметаше што пешки одевме со скијачки кондури од Анови до Бистра и назад. Денес имаме сосема друга и нова генерација.

Но да почнам од почеток.

ДЕНЕС на еден час возење од главниот град на Македонија имате место, кое:

ВО ЛЕТО никогаш не било потопло од 30 степени, можете да возите велосипед на планина или околу езеро, можете да планинарите колку што сакате и каде сакате, да возите офроуд со теренски возила  на фантастични патеки на пример до Лазорополе или Сандакташ, со пропратно берење чај или шумски јаготки и боровинки, да веслате кајак, возите скутер, ловите риба, а богами и убаво да се разладите во Мавровското езеро. Да не ја заборавиме најпрофесиналната спортска сала во регионот и подалеку, за која и самите спортисти поради специфичната надморска висина, велат дека приближно слични услови се најблиску во Словенија.

ВО ЗИМА имаме центар кој располага со одлични ски патеки, опслужени со доволен број на ски лифтови и жичари, истите водени од професионално обучен персонал, воедно и 5 ратраци кои редовно ги „мазнат“ ски пистите. Оваа година за прв пат во Македонија во Маврово на ски патеката под жичарата „едносед“ се инсталирани  7 топови за вештачки снег, чекор со кој и во месеците без снег, центарот ни обезбедува сигруно скијање.

За прв пат центарот е контролиран од СКИ ПАТРОЛА која поседува европски лиценци, со кои ја вршат улогата на спасувачки екипи на цела планина, и имаат право на контрола на сите ски патеки и регулирање на сообраќај на истите. Кога сме кај спасувачките екипи, сакам да напоменам дека центарот има две нови ординации со комплетно обучен тим од 5 доктори кои се распоредени на цела планина, и кои за прв пат годинава имаат на располагање возило БРЗА ПОМОШ.

На планината на ски патеките постојат три обејкти – бачила, во кои може да одморите, да се напиете чај,  и евентуално да пробате од храната приготвена во истите. Посебен осврт би дал кон реновираното Старо Бачило од „наше време“ кое е пуштено во функција минатата година и кое е пример за планиснко бачило за цел Балкан.

Редовно во сончевите денови на сите бачила има и познати македонски диџеи кои допринесуваат за добра забава. Тука се хотелите БИСТРА, ЛОЏ и СПОРТ од кои се издвојува БИСТРА поради новиот и реновиран СПА дел. Што се однесува до понудата на хотелите, дефинтивно од година во година се зголемува.

На пример, оваа година ЛОЏ или ресторанот познат под името „Пицерија“ го превземаа со работа, младите од скопското кафуле „КИНО КАРПОШ“, со напомена дека е одличен потег, бидејќи само со 10 дена работење, во ценатрот се чуствува многу новодојдена млада крв која дефинитвно треба да му се радува на Маврово, како ние некогаш. За ноќниот живот задолжени се околните рестарани и Диското РАТРАК кое редовно работи за викенд во ек на сезона.

Сакам да напоменам дека до година во година за добро на сите се зголемува и понудата во приватното сместување. Доволно е да отвортие Booking.com или Пазар3 или Реклама5 и јасно ќе ви биде дека во Маврово денес на располагање се повеќе од 100-тина приватни објекти. Имаме примери на преселени скопјани, кои инвестираа во нови објекти само за да се зголеми понудата во приватното сместување, ете како на пример Влатко Томовски, човек заљубен во Маврово и се она што го нуди Маврово. Верувале или не, Влатко со клизалки пред 5-6 години го исклиза цело замрзнато Мавровско езеро за кое има и фантастичен видео запис.

Што се однесува до патот  од Гостивар до „браната“ знам дека редовно се чисти, посебно во вакви снежни денови. За патот од “брана“ до Бистра проблемите се редовни и тоа од самите сопственици на вилите кои од година во година стануваат се посовесни и на време ги препаркируваат возилата, поради кои багерите не можат убаво да го исчистат патот, кои исто така во вакви снежни денови не престануваат со чистење.

Со оглед на сегашните временски услови, и очекуваните прогнози од 10-ти јануари па натака, оваа година ќе имаме вистинска зима или одлична сезона на која сите ние многу се радуваме.

На крај би сакал да кажам, дека не очекува напорна сезона, сезона со многу снег, сезона со многу нови предизвици, за кои гарантирам дека исправено ќе ги пречекаме, воедно ги поканувам сите да се качат „горе“ за да им покажаме колку го сакаме Маврово и дека работиме од љубов“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Истрага за Бајден и неговото семејство

Редакција

Андреевски за индицентот со Златна зора: Политиката се обиде да ја победи уметноста, благодарност до сите кои застанаа на нејзина страна

Редакција

Две лица и малолетничка тешко повредени, при пукање на свадба во кичевско Бачишта

Редакција