еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Евтиниот „Дексаметазон“ прв лек што ја намалува смртноста од Ковид-19

Евтиниот и широко достапен кортикостероид „дексаметазон“ е првиот лек за кој постојат докази дека може да помогне во спасувањето на животот на сериозно болните пациенти од ковид-19, пишува „Би-би-си“.

Речиси идентична вест објави и „УСА тудеј“, известувајќи оти британски истражувачи откриле дека мала доза на „дексаметазон“ може да помогне во борбата против смртоносниот вирус, односно дека по давањето на овој лек на сериозно болни пациенти приклучени на респиратори, бројот на смртни случаи се намалува до една третина.

Дексаметазонот долго време се користи за лекување голем број воспалителни промени и заболувања, а истражувачките резултати објавени денеска покажуваат дека тој помага во спречувањето на дел од штетата што може да се појави од цитокинската бура.

Станува збор за состојба во која имунолошкиот систем на организмот, во борба против опасниот вирус, предизвикува претеран имунолошки одговор, што предизвикува огромни штети на организмот и неретко доведува до смрт.

Испитувањето, предводено од тим на експерти од Универзитетот во Оксфорд, опфатило околу 2.000 пациенти болни од ковид-19 што примиле дексаметазон наспроти 4.000 пациенти што не го примиле стероидот.

Кај пациентите на механички респиратори, овој стероид го намалил ризикот од смрт од 40 на 28 отсто, додека кај пациентите на кислородна поддршка, тој ја намалил опасноста од смртен исход од 25 на 20 отсто.

Главниот истражувач во проектот, професорот Мартин Ландреј вели дека резултатите покажуваат можност за спасување на еден од секои осум пациенти што се приклучени на респиратори.

Истовремено, употребата на дексаметазон довела до спасување на еден човечки живот на секои 20 до 25 пациенти што се наоѓаат на кислородна поддршка.

Професорот Ландреј посочува дека дексаметазон е достапен низ целиот свет, чини 35 фунти за да се спаси животот на некој заболен од Ковид-19, но истовремено предупредува дека граѓаните не треба да одат во аптеки и масовно да го купуваат овој стероид.

Досегашното истражување покажало дека тој не им помага на пациенти со поблаги симптоми од Ковид-19, на кои не им е потребна кислородна поддршка или не се приклучени на вентилатор.

Ова истражување е започнато во март, а е финансирано од владините здравствени агенции на Обединетото Кралство и приватни донатори, меѓу кои е и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.

Мета

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Eлектричните возила e-go ќе се произведуваат во Тетово, велат од Владата

Редакција

Вонредни инспекциски надзори во „Жан Митрев“, во среда детали за случајот

Редакција

Русија почна воени вежби во водите во Арктикот

Редакција