Од почетокот на годинава досега во приватните болници и лаборатории се направени 28.290 ПЦР-тестови. За таа услуга граѓаните платиле речиси 700 илјади евра, објави Факултети.
Во приватните болници и лаборатории цената за тестирање е различна и варира од околу 1.400 до над 2.000 денари. Ако претпоставиме дека за тест била плаќана средна цена од околу 1.500 денари, тоа значи дека за само десет дена граѓаните платиле 42.435.000 денари, или 690 илјади евра, пишува Факултети.
Според податоците што секојдневно ги добиваме од Министерството за здравство, првите десет дена од годинава биле направени вкупно 67.534 теста и во државните и во приватните болници и лаборатории низ земјава. Од нив, само 7.319 ПЦР-тестови биле направени на државно, а 28.290 на приватно.
Преостанатите 31.925 се брзи (рапид) тестови кои се направени во јавното и во приватното здравство. Ако половина од нив се направени во приватни лаборатории, во просек од по 1.000 денари, тогаш за тестирање на приватно граѓаните за брзи тестови платиле 15.962.000 денари, или 260 илјади евра.
Грубата пресметка покажува дека за само десет дена за ПЦР и за брзи тестови граѓаните на приватно платиле околу еден милион евра, пишува Факултети.
Фото: Unsplash