еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Филипче: Треба време за граѓаните да ја вратат довербата во здравството

За реформите треба време, тие не даваат резултати веднаш, но затоа во хирургијата веднаш се видливи, вели неврохирургот и министер за здравство д-р Венко Филипче во интервју за еМагазин.

Зборувајќи за предизвиците со кои се соочува здравството и како да се „оправи“, вели дека се прави целосно скенирање на состојбите во секторот.

„Само резултатите и бенефитите кои граѓаните ќе ги почувствуваат на своја кожа ќе ги демантираат сите оние сомнежи кои се јавуваат кај нив. Сомнежите во нашето општество лесно се создваат, но тешко се отфрлаат“, вели Филипче.

Вака поставено здравство – „буре без дно“

Буџетот на министерство за здравство за следната година изнесува 6,3 милијарди денари (102,4 милиони евра), а Филипче вели дека, вака како што сега е структуирано здравството, тоа е „буре без дно“ и никогаш не е доволно. Но, според него, буџетот е доволно голем за да инвестираат во делот на капиталните проекти.

„Веќе пративме писма до сите јавни здравствени установи, за да ги согледаме нивните потреби. Предвидена е нова опрема за болниците, но таму каде што вистински треба. Направена е анализа со каква инфраструктура и со каков кадар се располага. Предвидени се акцелератори за онкологија, со цел да се дисперзира онколошки сервис во Штип, Битола, ГОБ „8 септември“ и Скопје, но инфраструктурата не е готова. И тоа што е најголем проблем е, што нема кадар.

На пример и да почне да функционира системот во Битола, каде што веќе има инсталирани апарати, нема кој да работи. Сериозно планираме да вложиме во дијагностички апарати, со цел да се подобри скринингот, а со тоа да влијаеме на намалување на малигни болести“, додава Филипче.

Она што е планирано за следната година е да се завршат болниците во градовите каде што имаше застој, односно во Штип, Струмица и Охрид. А фокусот е и на новиот Клинички центар, кој најверојатно ќе се гради во Општина Ѓорче Петров.

„Во Ѓорче Петров земјиштето е државно и ќе заштедиме огромна сума пари што требаше да се дадат за експропријација во Злокуќани. Оттука, и најбрзо административно може да се среди.  Кон местото има добар пристап од Скопје и цела Македонија, бидејќи е на самата обиколница.

Исто така има добра инфраструктура, вода и струја. Има доволно голема површина да ги опфати сите други придружни капацитети, кои што би требало да бидат со болница, значи Медицински факултет, Студентски дом итн“, додава Филипче.

Најавените простории за детска кардиохирургија, најверојатно ќе бидат во болницата „Филип Втори“.

„Требаше да се реновира делот на кардиологија, требаше да продолжи истиот систем со странските доктори. Но, мислам дека решението со „Филип Втори“ е посоодветно, кога веќе располагаме со инфраструктура, кога трошокот не го зголемуваме туку го намалуваме, штедиме со едукацијата, условите се идеални.

Таква „Џејсиај“ акредитирана болница, и со реконструкција на наша клиника, не можеме да ја постигнеме. Ќе ја постигнеме со новиот Клинички центар и тогаш е друга приказна. Тогаш ќе ги повлечеме сите наши пациенти на едно место, но до тогаш, не можеме да обезбедиме за сите услови, но децата ги ставаме на прво место“, додава Филипче.

 Недостигот од лекови на рецепт ќе се надминува со поголеми квоти

За следната година, Филипче најавува, колку што е можно регулирање на позитивната листа и нови лекови, пред се најскапите за онколошки пациенти.

Иако квотите на лекови се ингеренција на Фондот за здравствено осигурување, вели дека за следната година, квотите за сите аптеки во државата ќе се зголемат. На тој начин, веројатно ќе се надмине проблемот после 15 во месецот, одреден лек да го нема на рецепт.

„Ќе постои и флексибилност, па ланците на аптеки ќе може да ги менуваат квотите односно, во еден ланец на аптеки, ако во една аптека се потроши квотата а во друга не, ќе може да ја префрла, во зависност од пациентите каде повеќе одат“, објаснува Филипче.

За цената на лековите вели дека има точна методологија на одредувања на цена за оригинатори и посебна за генериците, кои секогаш мора да се поевтини.

„Секаде во светот се лекува со генерика, која е на располагање. Најголемата фама, во однос на квалитет на лекови, беше поради паралелниот увоз. Но откако го средивме тоа, односно сега кога во нашите поставки нема веќе лекови без соодветни сертификати за лекови, таа доверба ќе се врати. Во тендерската документација за инсулин, првпат воопшто, увид имаше невладино здружение. Тоа го дозволивме затоа што го правиме за нив, не криеме ништо“, додава Филипче.

Во однос на набавката на лекови за пациенти со ретки болести, тој објаснува дека годинава се воведени три нови лека, а го воведуваат и четвртиот, лекот за децата со мускулна дистрофија.

„Направивме електронски регистар за ретки болести. Ние секогаш ќе се соочиме со нови барања, нови лекови излегуваат постојано. Дај Боже да можеме да одговориме на се, но најчесто имаме лимитирани буџетски можности. Но, она што правиме е максимално во однос на финансии“, додава Филипче.

За вакцини, буџетот е зголемен за 30 проценти.

Промени ќе следуваат и во примарното здравство

Министерот Филипче најави промени и во примарната заштита, односно проценка на ниво на цела држава за потребата од матични лекари.

„ Ќе ставиме акцент на примарното здравство, бидејќи многу работи од овде тргнуваат. На пример, многу компликации со новороденчињата тргнуваат од примарното здравство. Правиме сеопфатен пресек на цел систем, примарно, секундарно и терциерно здравство. Оценката ја правиме со Светска банка и тим на Европска делегација за да ги видиме недостатоците на ниво на цела земја, во поединечни региони за да можеме да ги надминеме. Тоа треба да заврши во февруари или во март. Во руралните средини ќе биде еден, а во урбаните друг модел“, вели Филипче.

Тој не се согласува дека сега има многу казни за матичните лекари. Казнената политика со која не се согласуваат матичните лекари, вели дека ја менуваат. За Фондот за здравствено осигурување вели дека максимално се отворени кон барањата на матичните лекари за зголемување на капитацискиот бод и во рамки на можностите, ќе им излезат во пресрет.

Семејната медицина е модел на развој во перспектива, а не нешто што ќе се наметне, бидејќи би се соочиле со уште поголем недостиг од матични лекари.

Проблемот со Мој термин кој го имаат пациентите за да дојдат до добри доктори но и матичните лекари кои не можат да закажуваат на одредени клиники, Филипче се сложува дека секојдневно се случува.

„Ние сме во секојдневна комуникација со директорите на клиниките. Пристапот до добрите доктори гледаме да го подобриме со екстра термини. Кај некои клиники, бројот на лекари  е во помал број и не можат да постигнат, трети немаат инфраструктура, имаат само една – две амбуланти. Затоа мислам дека, новиот Клинички центар кој треба да биде интегриран здравствен систем, за многу од овие прашања ќе има одговор“, додава Филипче.

Тој ги потврди информациите на еМагазин дека има интерес за враќање на лекарите од приватно во јавно здравство. Една од причините е континуираното зголемување на платите. После годинешното зголемување на платите за сите 19.123 здравствени работници за 5 проценти, од јануари 2019 година ќе следи дополнително покачување на платите за 10 отсто за докторите специјалисти и 5 отсто за медицинските сестри. За сите останати здравствени работници покачувањето на платите ќе се реализира од септември 2019 година.

„Има колеги кои се заинтересирани, не сакам да навлегувам во причините, веројатно се различни. Ние, соочени со дефицит на кадар, го менуваме Законот за здравствена заштита со што го олеснуваме враќањето на доктори од приватно во јавно здравство. Тој закон е во собраниска процедура. Тоа се колеги кои секако работеа во јавното здравство, но ќе им се најде местото. Платите се еден од начините со кои се мотивираат колегите да работат во јавното здравство“, додава Филипче.

Освен за Итна медицинска помош, јавно-приватно партнерство и за други области

Министерството за здравство нема да се откаже од физибилити студијата за јавно-приватно партнерство за Итната медицинска помош, а ваков тип партнерство се најавува и за други области.

„Ќе организираме јавни дебати, па да ги разгледаме сите аспекти, дали е добро или не е. Планираме такви физибилити студии и во сферата на стерилизација на инструменти, постелнини,  во сферата на ин-витро фертилизацијата, ПЕТ центар, па дури и некои медицински сервиси кои сега во моментов недостигаат. На пример, има сериозен недостиг од гинеколози во реонот на Повардарие, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Росоман. Има празно гинеколошко одделение заклучено во Здравствен дом Неготино.

Може тоа да биде предмет на јавно-приватно партнерство.Може ќе дојде некој партнер којшто ќе може да ги задоволи критериумите во однос на кадар, подготвеност, опрема и да ја даде услугата за граѓаните во тој реон“, вели Филипче.

Во однос на критериумите на распределба на новите возила, во Скопје ќе се дуплира бројот на возила на Итна медицинска помош, а другите шест ќе се поделат таму каде што навистина се расипани.

Брза и ефикасна Итна медицинска помош, подобар пристап до матични лекари, зголемување на бројот на мобилни сервиси во рурални средини, медицинска опрема каде што треба, завршување на болниците што можат да се завршат во 2019, се едни од предизвиците за следната година.

Новиот лабораториски систем треба да донесе заштеди

За највениот нов лабораториски систем и распишување на вториот тендер за реагенси, Филипче очекува намалување на цените.

„Ако сега за една година трошиме 12 милиони евра, мислиме дека најмалку 15 до 20 проценти ќе имаме намалување на вкупната цена. Што значи дека за три години, очекуваме дека цената ќе се намали за пет до шест милиони евра. Тоа е во однос на цената, но има и други работи во однос на системот.

Самиот систем е поставен така што многу троши. Како троши? Има огромен број на апарати, инфраструктура која не е до максимум искористена. Што значи тоа? Во Штип има три јавни здравствени установи, Клиничка болница, Здравствен дом и Центар за јавно здравје. На трите места има лабораторија. На сите три места апаратите се со капацитет од неколку илјади анализи на час, а таму вкупно, не се прават повеќе од неколку стотини на ден.

Сите тие анализатори трошат вода, струја. Меѓутоа, сега не зборуваме за реагенси, зборуваме за други аспекти. Понатаму, нема никаква контрола на буџетите коишто се трошат. Ние не знаевме, додека не ги собравме податоците. Имаат илјадници евра буџет и си прават што си сакаат.

Ние не знаеме ниту колку има резерва во даден момент, ни колку вистински фактурираат, ни колку вистински трошат заради тоа што има пакувања на реагенси кои имаат материјал за 50-100 анализи, а тие во цел месец не можат да соберат 10“, објаснува Филипче.

Тој додава дека преку централната набавка ќе се воспостави ред, односно ќе има унифицирана цена за цела држава, нови апарати, сервиси без пари. Од аспект на пациенти, останува како и досега.

П.С.

Додека го правевме интервјуто во „Кантина“, произлезе и една спонтана средба на министерот со група млади лекари, на кои им бил асистент. Сакаа по разговорот, да се видат со него, по што тој ја прифати поканата, и одговараше на прашањата кои ги засегаат.

Фото: Different Photography

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Имотот на петте најбогати Македонци изнесува 23,9% од македонскиот БДП, пресмета српски „Недељник“

Редакција

Уште четири текстилни работнички од Штип заболеа од корона вирусот и едно лице кое не е поврзано со досегашните кластери

Редакција

Скопскиот аеродром ја прими наградата за квалитет на аеродромските услуги за 2022

Редакција