На Конгресот на владејачката СДСМ, освен пратеници од актуелниот состав на Собранието, кои доаѓаат од редовите на партијата и коалицијата, присуствуваа и лидерите на ВМРО-НП и на Обединети за Македонија, Љубчо Георгиевски и Љубе Бошкоски, на БЕСА, Билал Касами, потпретседателот и пратеник од НСДП, Горан Мисовски, како и лидери или претставници од сите партии коалициски партнери на СДСМ, од чии редови ќе се најдат кандидати на листите во шесте изборни единици.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема големи изненадувања: Кои се носителите на кандидатските листи на СДСМ?
Лидерот на партијата, Зоран Заев во својот говор меѓудругото рече дека СДСМ е партија предводник на промените.
„Партија која го унапредува политичкиот плурализам. Партија на прогресот во Северна Македонија. Партија која работи за сигурна македонска иднина. Денес СДСМ и сите кои сме дел од неа ги продолжуваме одговорните и државотворни политики кои водат напред кон интеграција, развој и подобра иднина на сите граѓани“, рече Заев.
Тој потсети дека за само две и пол години, колку СДСМ ја предводи власта, реализирале голем дел од своите политики за враќање на парите кај граѓаните, притоа, како што рече решавајќи и крупни прашања кои помогнале државата да се движи напред.
Заев ги претстави и петте столба на новата програма на СДСМ: 100 нови работни места и поголем раст на сите плати, Грижа за сите, Ред, дисциплина и правда, Сите за еко држава и Ние сме за НАТО, одиме во ЕУ.
Фото: Фејсбук/СДСМ