Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протести во седум градови низ Македонија под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“. Се протестираше во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола.
“Сите заедно порачаа оставка на Заев, слобода на народот! Има работи коишто се свети, има работи коишто не се предмет на пазарење!„, напишa лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неговиот Фејсбук-профил.
„Сега е времето кога треба да се протестира, за утре да не биде предоцна. Македонија се обединува против Заев, против заедничкиот противник, против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик.
Сѐ повеќе луѓе се охрабруваат да застанат во редот на одбраната на она што е свето и за кое се бореле и гинеле генерации, а кое сега се распродава.
Сѐ повеќе граѓани на Република Македонија, кои имаат разлики по многу точки, се обединети во едно – бидејќи знаат дека нема назад од тука. И не отстапуваме ни чекор од она што е наше. Скопје ја сака слободата која е скапо платена и Скопје протестира,“ вели тој.
Мицкоски повика на сенароден протест утре, со почеток во 12:30 часот кој ќе заврши пред
Владата на Македонија.
Поради епидемијата со Ковид-19, протестот ќе биде со автомобили и во 12:30 часот ќе се тргне кон Владата од две локации, СЦ Борис Трајковски во Општина Карпош и СЦ Јане Сандански во Општина Аеродром.
Фото: Фејсбук/Мицкоски