По Бугарија, сега и во Хрватска има навестувања за вето против кандидатите за пристап во ЕУ. Се работи за Србија, Босна и Црна Гора. Како оправдување служат отворените историски контроверзии, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), пренесува МКД.
Примерот на Бугарија создаде преседан, пишува ФАЦ.
Сега кога владата во Софија успеа да ги направи историските билатерални прашања со Македонија официјален дел од преговорите за пристапување во ЕУ, оваа идеја почнува да им се допаѓа на другите земји-членки. Во Хрватска, која ѝ се приклучи на ЕУ во 2013 година како последна нова членка до денес, веќе почна дебата за ова.
Прашањето е какви предуслови треба Загреб да им наметне на соседните земји Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, кои доколку не се исполнат, може да резултираат со вето за блокирање на пристапниот процес на овие земји (или, во босанскиот случај, отворање на пристапните преговори).
Хрватската академија на науките и уметностите претстави и труд за ова. Под насловот „Придонес за заштита на хрватските интереси“ се наведени мноштво опции за можна блокада. Од Босна, на пример, треба да се бара уставна реформа. Босанските Хрвати се растргнати меѓу сецесионизмот на Србите и унитаризмот на муслиманските Бошњаци. Затоа е неопходно тие да добијат свој сопствен дел од земјата, таканаречен ентитет – вклучувајќи ги „сите права што произлегуваат од него“, како што се вели во документот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ