Енергетската криза, растот на инфлацијата, како и растот на бројни други цени во Македонија, но и во Европа и пошироко, годинава ќе ни донесат нови, повисоки, цени и за летување и патување воопшто.
Од туристичките агенции со кои разговараше еМагазин велат дека цените на апартманите и хотелите во Грција и Турција годинава се пораснати од 15 до 20%.
Најава за повисоки цени има и за летување во Хрватска.
Има интерес за летување во предсезона
Веќе има голем интерес за аранжмани за предсезона, доста популарни кај нас, а очекувањата на туристичките агенции се дека годинава ќе имаат подобра сезона, отколку претходната година, бидејќи граѓаните по секоја цена сакаат да летуваат и патуваат, после се што доживееа со ковид-пандемијата, која трае веќе две години.
“Веќе имаме нови резервации за предсезона, а доста граѓани годинава планираат да ги искористат и ваучерите, кои досега поради ковид пандемијата не успееа да ги искористат“, вели за еМагазин, Ана Богоевска, менаџер за резервации во туристичката агенција „Савана„.
Раст на цените на основните производи
Тоа што исто така граѓаните треба да го имаат во предвид при планирањето на овогодинешново летување е дека цените на основните производи и во Грција и Турција, како што е случај и со Македонија, генерално се повисоки споредено со лани, почнувајќи од кафе во кафуле до леб, овошје и зеленчук во супермаркет.