Мали се шансите до крајот на годината, како што беше најавено, граѓаните да можат да вадат пасоши и лични карти со новото име на државата – Северна Македонија.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за еМагазин објаснуваат дека процедурата е комплексна.
“Во однос на вашите прашања ве информираме дека постапката за отпочнување со издавање на пасоши и лични карти со новото име на државата е комплексна постапка во која ќе бидат специфицирани повеќе уставни и законски решенија.
Во моментов се финализираат преговорите во врска со техничките елементи и критериуми на набавката, а Договорот се очекува да биде потпишан до крајот на овој месец.
Во Договорот ќе биде специфицирана динамиката на испорачување на нарачката, во конкретно испланирани чекори, и тоа фаза по фаза сукцесивно, со што ќе добиеме детално утврдена временска рамка за реализација на набавката усогласена со утврдените уставни и законски измени“, велат од МВР за еМагазин на нашите прашања до каде е процедурата за новите пасоши и лични карти и кога истите ќе станат достапни за граѓаните.
Новите документи ќе бидат на трошок на граѓаните
Како што е веќе познато, новите пасоши и лични карти кога ќе станат достапни ќе бидат на трошок на граѓаните.
Старите документи, како што е предвидено со Договорот од Преспа ќе важат во следните пет години.
Додека МВР почне да издава пасоши и лични карти со новото име, документите кои се издаваат ќе бидат со „Република Македонија“, но со важност од пет, наместо од 10 години.
Документите ќе треба да ги менуваат предвреме и граѓаните кои истите ги извадиле од 2015 година до сега, односно оние чии документи се со рок на важност после 2024 година.
Во наредните пет години тие што имаат пасоши со „Република Македонија“ при излегување на граничните премини веќе добиваат печат на кој пишува: „Оваа патна исправа ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“.
Фото: Влада