Холандскиот Сенат денеска го ратификуваше Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Информација на неговиот Фејсбук профил ја сподели министерот за надворешни работи Никола Димитров.
По добивањето зелено светло од Холандија, Протоколот за НАТО ќе треба да го ратификуваат уште Франција и Шпанија со што земјава и формално ќе стане 30 полноправна членка на Алијансата.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска изјави оти се очекува до крајот на ноември или до Лондонскиот самит да заврши ратификацијата и во Франција, по што останува само ратификацијата во Шпанија, за што поточни проценки ќе можат да се направат дури откако ќе биде јасна новата влада.
– Според најавите, првата седница на шпанскиот Парламент ќе биде почетокот на декември. Секое шпекулирање сега, ќе биде само шпекулација. Многу внимателно ги следиме настаните, ја испраќаме континуирано пораката дека е многу важно за нас, но и за регионот, нашето членство час поскоро, изјави Шекеринска.
МИА/Фото: Влада