Можеби, додека уште зборувам, веќе се пишуваат изјави во кои ќе се осуди овој мој говор. Најчесто, првата реакција на вистината е омразата, рече претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање на 73. сесија на Генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации.
„Вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. А има многу нечиста совест во однос на македонскиот случај. Но, вистината ослободува и овозможува да се признае вината, да се поправат грешките, да се исцелат раните од прекршувањето на нашето фундаментално право на самоопределување и правото на човечко достоинство.
А единствена вистина е дека ние сме Македонци и нашата држава е Република Македонија. И почитувајќи ја таа единствена вистина за нашиот идентитет, Вие го почитувате нашето човечко достоинство кое е дел од темелот на слободата, правдата и мирот во светот“, рече Иванов во неговиот говор.
Најави и дека на престојниот референдум нема да гласа:
„На 30 септември нема да излезам да гласам. Верувам дека и Вие, моите сограѓани ќе донесете мудра одлука. Истовремено, ви се обраќам вам, претставниците на државите-членки на Обединетите нации. Овој ирационален спор има штетни последици по Република Македонија и нејзините граѓани.
Поради грчките блокади, нам ни се одзеде правото на просперитет. Сето тоа, за жал, се одразува на одржливоста на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Општество кое изминативе 27 години активно придонесува за мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и Европа“.
Целиот негов говор проследете го во видеото:
Обраќање на претседателот Иванов на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации
„На 30 септември нема да излезам да гласам. Верувам дека и вие, моите сограѓани ќе донесете мудра одлука“ – обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 73. сесија на Генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Posted by ЃОРГЕ ИВАНОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА on Четврток, 27 септември 2018
Фото/видео: Кабинет на претседателот
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Андреј Жерновски ја напушти салата за време на говорот на Иванов во ОН