еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Како Македонци, Косовари, Молдавци, Албанци, Арапи без бугарски корени си купија бугарски пасош

Бугарската министерката за правда Десислава Ахладова денеска во бугарскиот Парламент, информираше дека од 1 јануари 2010 година до 22 октомври 2020 година околу 78.000 македонски државјани поднеле барање за бугарско државјанство, а 66.000 Македонци добиле бугарски пасош, сите врз основа на нивното “бугарско потекло„.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За 10 години 66.000 Македонци земале бугарски пасош повикувајќи се на “бугарско потекло„

Ахладова никој не ја праша за мега-скандалот „пасош за пари“ кој ја потресе Бугарија пред две години.

Имено во ноември 2018 година во Бугарија изби голем скандал откако тамошната јавност дозна дека за пари се продавале бугарски пасоши на лица кои немаат никакви бугарски корени. Скандалот беше топ тема и во македонските медиуми, но и во европските.

Јавна тајна е дека илјадници Македонци изминативе години земаа бугарски пасоши, не затоа што имаат бугарски корени, туку за да полесно работат во Европската Унија (ЕУ).

Тоа го знаат и во Бугарија и во ЕУ, но нема да биде никакво изненадување, ако бројките на Македонци со бугарски пасош станат ново „оружје“ во спорот кој источниот сосед го наметна со Македонија.

ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ПОЕВТИН ПАСОШ

Како што објавија тогаш бугарските медиуми, Агенцијата за Бугарите во странство работела по претходни тарифи за експресна нарачана услуга и за услуги за странци со муслимански имиња.

Поединци плаќале меѓу 300 и 500 евра за побрзо издавање на документи. Апликантите се делеле врз основа на тоа од која земја доаѓаат и дали има основа од таа земја да бидат издавани документи со бугарско потекло, дали се со муслимански или христијански имиња.

За добивање на сертификат за бугарско потекло на лице од Македонија тарифата изнесувала 1.000 евра, а за човек од Косово цената изнесувала од 3.000 до 5.000 евра.

Неколку илјади Македонци станале бугарски државјани без бугарски корени, откри аферата.

КАКО ФУНКЦИОНИРАЛА ШЕМАТА

Како функционирала корупциската шема за бугарската телевизија БТВ раскажа вработен во Агенцијата.

„Најлесно се станува Бугарин ако лицето отвори фирма во Бугарија и назначи 10 вработени. Врз основа на оваа комерцијална активност, тој ќе добие статус дека има постојан престој во земјата.

Вториот начин е ако личноста поседува компанија, е странски државјанин од земја која не е членка на ЕУ, добива сертификат за присуство на трговска застапеност во Бугарија, а со тоа и право за бугарски документи.

Третата опција, која најмногу се користи во последниве години, е да добие статус на постојан престој врз основа на документ со бугарско потекло.

Со кандидатите за бугарски документи работат над 100 фирми и токму тие помагаат во собирањето на документи и ги регистрираат на адреса во Бугарија“, раскажа тој, потенцирајќи дека во документите на „кандидатите“ се користат лажни адреси.

„Износите за бугарски документи се различни во зависност од регионите во Бугарија и се движат помеѓу 50 и 100 евра по лице за да добие адреса за престој.

Во пограничните региони со Македонија и Србија, во областите Благоевград и Ќустендил е масовно издавањето на бугарски документи.

Посредникот остварува контакт со раководниот службеник во вообичаен работен ден, во реонот на А се среќаваат, ги даваат документите и парите“, раскажа тој.

По објавувањето на аферата беа уапсени неколку лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата, а истата предизвика и политички превирања во Бугарија. Беа извршени и претреси во Плевен и Ќустендил.

Во тој период бугарските медиуми потсетија и дека во февруари 2014 година при проверка во Агенцијата биле откриени груби прекршоци при издавањето на сертификати, врз основа на кои се добиени бугарски пасоши.

Во периодот од 2010 до 2012 година речиси двојно се зголемил бројот на бугарско државјанство стекнато врз основа на „бугарско потекло“.

Катја Матева, поранешен директор на Одделот за бугарско државјанство во Министерството за правда, тогаш изјави дека поседува документација за издавањето патни исправи, обвинувајќи го вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека неговата ВМРО-БНД се издржувала од продажбата на бугарски државјанства.

Од партијата на Каракачанов демантираа дека се дел од пасошката мафија.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерот Милков не дојде во бугарското Собрание, дебатата за Македонија одложена

Редакција

Градоначалникот на Демир Хисар, Стојановски вели дека видеото било монтирано и дека на никој не се заканувал

Редакција

Oбвинение за негувателката која тепаше дете во игротека во Аеродром, се бара и продолжување на притворот

Редакција