Последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС и Телма покажа пад на рејтингот на најголемите партии во Македонија, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а раст на рејтингот на опозициската Левица, која во Собранието моментално има два пратеника, претседателот Димитар Апасиев и Борислав Крмов.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СДСМ со мала предност пред ВМРО-ДПМНЕ, на Левица и расте рејтингот: Анкета на Телма и МЦМС
Кој е Апасиев, кој има поголема доверба и од Мицкоски
Според анкетата 18,6 проценти, доколку утре би се одржале парламентарни избори, би гласале за СДСМ, 18,1 процент за ВМРО-ДПМНЕ, 6,7 проценти за ДУИ, 1,4 проценти за ДПА, 4,6 процетни за Алијанса за Албанците, 0,5 проценти за Алтернатива, 2,4 проценти за БЕСА, 6,2 проценти за Левица и 0,2 проценти за Интегра.
Според груба пресметка од овие бројки, Левица во Собранието би можела да има од 12 до 14 пратеници.
Рејтингот на партијата е во постојан раст, за што зборуваат и податоците во табелата:
КАКО НАСТАНА ЛЕВИЦА
Инцијативата за формирање на партијата официјално е објавена на 14 ноември 2015 година и потекнува од членови на Движењето за социјална правда Ленка, членови на Левичарското движење „Солидарност“ членови на Комунистичката партија на Македонија, синдикалци, активисти и поединци левичари.
Партијата е регистрирана во февруари 2016 година.
Левица учествуваше на парламентарните избори во 2016 година кога освои околу 12.000 гласови, на локалните избори во 2017 година, кога доби три советнички места и на парламентарните избори годинава кога освои две пратенички места во македонското Собрание.
Припадници на Левица зедоа учество и во таканаречената Шарена револуција, и беа притворани поради тоа.
Потоа, имаше и своевиден раскол во партијата кој резултираше со меѓусебни тужби меѓу членството.
РАКОВОДСТВО
Денес, со партијата раководи Президиум како главен политичко-егзекутивен, односно извршен орган на партијата, кој функционира како колективно претседателство, т.е. полит-биро.
Президиумот во моментов има седум членови делегирани од страна на Централниот комитет и тие можат да бидат отповикани во секое време – со апсолутно мнозинство гласови.
Актуелен претседател на Левица е Димитар Апасиев.
Претседателот на „Левица“ е лице кое ја претставува и застапува партијата во надворешниот правен промет и е овластен потписник на партиската банкарска сметка по функција.
Претседателот го избира Президиумот од своите редови, со апсолутно мнозинство гласови. Мандатот на претседателот е четири години, односно меѓу два редовни пленума, со неограничено право на реизбор.
ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА
Во политичката платформа на партијата пишува дека се залагаат за работнички права и социјална правда односно „нов социјализам“.
„Ние, класно и национално освестените работници, тргнувајки од нашата потисната состојба во политички систем, каде едиствено признаени интереси се оние на граѓанската класа, решивме политички да се организираме и да дејствуваме преку партијата „Левица“ – како единствен претставник на интересите на безимотните и обесправените во Република Македонија.
Нашата цел е промена на политичко-економскиот систем и воспоставување Нов социјализам, а со намера да ја елиминираме сиромаштијата, корупцијата, неправдата, угнетувањето и експлоатацијата која ни е наметната од нашите газди, преку освојување на власта од страна на трудот и ставање крај на повеќедецениската диктатура на најголемиот општествен паразит – капиталот“.
Целата платформа на „Левица“ ОВДЕ.
Фото: Левица/Фејсбук/Табела: Википедија