еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Каматите на главниот долг – најголем проблем на граѓаните, и за тоа, најчесто се жалеле на омбудсманот

Вкупниот број на преставки, по кои Народниот правобранител постапувал лани, изнесува 3.075, истакна народниот правобранител Насер Зибери на презентацијата на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.

Најголемиот број од претставките со години наназад, се однесуваат на областа правосудство, од кои скоро една третина за работата на извршителите.

„Во овој сегмент, Народниот правобранител констатира помал број на сторени повреди во постапката на извршување, но ја користам оваа прилика да истакнам дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата, во насока дека не може да се наплати камата која би била поголема од главниот долг, односно сметам дека кога каматата ќе го достигне главниот долг, истата да престане да тече.

Имено, сегашните законски одредби доведуваат до апсурдни ситуации во кои каматата која ја плаќа должникот понекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг, па има луѓе кои со години не можат да си го отплата долгот. Оттука не ја исклучувам можноста институцијата да иницира законски измени во овој правец,“ потенцираше Зибери.

Не сите деца, имаа можност да следат настава од дома

Народниот правобранител истакна дека пандемијата посебно ги погодила лицата под социјален ризик што се рефлектираше во предметите од областа социјална сигурност и заштита, во делот на остварување на правото на надоместок на помош и нега од друго лице.

Значително бил зголемен и бројот на примени претставки во областа детски правa и тоа во сите сегменти, посебно во делот на остварување на правото на образование, по воведувањето на новата концепција за основно образование која предвидуваше замена на хартиените со дигитални учебници.

„Со почетокот на учебната 2021/2022 година, бројни беа реакциите на родители на деца од четврто одделение, членови на Совет на родители, како и од наставници кои изведуваат настава во четврто одделение, кои на различни начини (со поднесување претставка, јавување во канцеларијата на Народниот правобранител, како и јавно прозивање на институцијата преку медиумите и социјалните мрежи), бараа интервенција од Народниот правобранител укажувајќи на нееднаков третман и дискриминација на нивните деца, а поради необезбедени печатени учебници и технички уреди од страна на Министерството за образование и наука.

Имајќи ја предвид ваквата состојба, Народниот правобранител, меѓу другото препорача Министерството за образование и наука во соработка и координација со локалната самоуправа и училиштето да ги согледаат состојбите и условите за остварување на правото на непречено образование, и следствено да преземат мерки за обезбедување на потребните технички услови и опремување на училишните простории за реализирање на настава на подеднаква основа во сите училишта, како и тоа да му се обезбеди на секој ученик технички уред, кој ученикот ќе може да го користи на училиште и во домот, со што ќе се осигура дека секое дете непречено ќе може да се образува согласно новиот начин, без да се бара, односно очекува од родителот/старателот да обезбеди уреди (телефон, лап топ и сл.) за своето дете,“ изјави Зибери.

Состојбата во затворите и понатаму катастрифална

Состојбата во казнено-поправните установи, народниот правобранител ја оцени како катастрофална, како и во изминатите години.

„Казнено-поправните установи повторно се соочуваат со состојба на прекубројност (на пример во Казнено-поправната установа „Идризово“ капацитетот е 900 лица, а во моментот на посетата таму се затекнати 1.102, потоа во казнено-поправниот дом Штип капацитетот е за 160 лица, а беа сместени 227), којашто е особено изразена во установите од затворен вид, како и во затворените одделенија на установите.

Ова зад себе повлекува други последици, како што е зголемениот број на претставки за насилство меѓу затворениците, кои нечуствувајќи се безбедни бараа институцијата Народен правобранител да им помогне во преместување во други простории,“ вели Зибери.

Тој го потенцираше проблемот со малолетничките упатени на издржување воспитно поправна мерка.

„Имено, Народниот правобранител констатира дека тие се сместени во несоодветни услови, односно дека казнено-поправниот дом Идризово не е соодветна установа за сместување на деца, од причина што нема услови за остварување на основната цел на упатувањето на издржување воспитно поправна мерка, а тоа е нивното превоспитување, како и услови за задолжително образование и воспитување, услови за активно користење на слободното време и сл.

Од овие причини укажувам (веќе е отворен предмет) дека во наредниот период интензивно ќе се работи на изнаоѓање решение за преместување на женските деца упатени на издржување воспитна поправна мерка во друга соодветна установа, којашто ќе ги исполнува законските критериуми за успешно остварување на процесот на превоспитување, што претставува основна цел на упатувањето во воспитно-поправен дом,“ додаде Зибери.

Во казнено-поправните установи нема  подобрување во поглед на обезбедувањето на образовен процес и обезбедување на здравствена заштита.

„Најголем дел од установите(речиси во половина од нив) воопшто немаат медицинска сестра/брат, а постојат и установи во кои нема ниту општ лекар, ниту останат медицински персонал назначен од јавно здравствената мрежа (во КПД Прилеп самостојно е ангажиран психијатар кој извршува и функција на општ лекар, во Затвор Гевгелија, воопшто нема медицински персонал, поради што сите потребни здравствени услуги се третираат надвор од установата, за што трошоците паѓаат на товар на Затворот; отвореното одделение на КПД Идризово во Велес, воопшто не располага со медицински персонал и во поглед на здравствените потреби установата комплетно зависи од КПД Идризово, отвореното одделение на Затвор Куманово во Крива Паланка, исто така воопшто не располагаат со медицински персонал, а во случај на потреба од медицински прегледи, многу често осудените лица се спроведуваат до медицинските установи со возила коишто се во приватна сопственост на претставниците на затворската служба,“ вели Зибери.

Соработката со Народна банка е успешен пример за изнаоѓање на решение во интерес на граѓаните

Како успешен пример, Зибери ја посочи соработката со Народна банка, при што беше решен проблемот на граѓаните за подигање на средства од банките, додека чекаа изготвување на документи за лична идентификација.

„Лани како последица на пандемијата граѓаните се соочија со проблеми при обезбедувањето/ промената на документи за лична идентификација и дека токму во летниот период се создаде застој во нивното издавање, состојба која влијаеше на егзистенцијата на граѓаните поради неможноста да си ги подигнат своите плати, пензии, средствата кои ги добиваат на име социјална помош.

Народниот правобранител оцени дека е недозволиво слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неоправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип стануваше збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките.

По интервенција на Народниот правобранител, банките за подигање на средствата на граѓаните почнаа да им ги признаваат потврдите дека поднеле барање за обезбедувањето/промената на лични документи.

Во оваа прилика би сакал да ја потенцирам кооперативноста, пред се на Народната банка, поточно на гувернерката, која веднаш реагираше на нашиот допис. Ова би рекол дека претставува пример за добра соработка со институцијата Народен правобранител, а која ги даде очекуваните резултати, во поглед на заштитата на правата на граѓаните,“ рече Зибери.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата неколку години не информира за имплементирање на мерките утврдени од Собранието, а кои се однесуваат на заштита на правата на граѓаните

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

44 нови случаи на Ковид-19 во Тиквешко, најмладиот има 13 години

Редакција

Џафери ја одби иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум

Редакција

Убава вест: Оздравени 534 болни од Ковид-19

Редакција