Кавадарчанката Милица Глигоров е меѓу првите кои примија вакцина против коронавирусот во САД.
За МИА појасни дека работи како менаџер во голема болница, а здравствените работници имале приоритет при вакцинирањето.
– Воопшто не се плашев да се вакцинирам, бидејќи им верувам на науката и стручните кадри.
Направив проучување на позитивните и негативните работи од примањето на вакцина и одлучив дека сепак најдобро е да се вакцинирам. Негативните ефекти од американската вакцина на „Модерна“ се минимални. Самиот чин на вакцинирање беше безболен.
Многу луѓе во САД едвај чекаат вакцинирањето да им биде достапно. Особено млади и едуцирани.
Од искуство можам да кажам дека вирусот постои и на дневна основа досега имавме пациенти кои не успеваа да се изборат со него, раскажа младата кавадарчанка која со своето семејство живее и работи во САД.
Нејзината препорака е сите луѓе да се чуваат, да ги слушаат препораките на експертите и своите матични лекари. Да не се информираат од погрешни и непроверени извори. И добро да размислат, кога носат одлуки за сопственото здравје.
Втората доза ќе ја прими на 10 февруари.
– И понатаму остануваат препораките за превентива со заштитни маски и одржување дистанца. Но, со вакцинирањето се чувствувам позитивно зашто верувам дека нема да се заразам со вирусот.
Затоа што сепак никој не знае како би поминал доколку е позитивен на Ковид-19. Мислам дека со вакцината е испишана историја против оваа најнова пандемија, децидна е таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Жител на кавадаречко Возарци меѓу првите Македонци кои примија вакцина против Ковид-19
МИА