Анализата на добиените податоци на Центарот за граѓански комуникации покажува дека, од сите 15 министерства, со најмногу патнички возила располага Министерството за внатрешни работи, и тоа 1.559. Ова министерство е прво рангирано и според потрошената сума за набавка на возилата, која што изнесува 22 милиони евра.
„Сепак, МВР не достави податоци за 324 возила поради – како што образложуваат – потребата за секое од овие возила да се отвораат поединечните досиеја за што би било потребно и неколку месеци, бидејќи станува збор за постари возила“, се вели во истражувањето.
Второ рангирано според бројот на возила е Министерството за одбрана кое има 142 возила, но поседува податоци за набавната вредност само на 43 возила. За останатите 99 возила, од министерството информираат дека се набавени пред 2015 година и за нив книговодствената документација е уништена согласно со Законот за архивски материјали.
Трето рангирано според бројот на возила е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое за набавка на 108 патнички возила платило 1,3 милиони евра.
По одделни министерства, најмногу пари за набавка на едно патничко возило досега платило Министерството за внатрешни работи и тоа дури 572 илјади евра. Станува збор за набавката на возилото од производителот Мерцедес модел C600 во 2012 година.
Второто најскапо купено возило е кај МНР. Станува збор за Мерцедес Е430/4М купен во 2001 година за 81.301 евра, повторно од МВР и даден на користење на МНР.
На трето место е Мерцедес Е240 на Министерството за финансии купен во 2005 година за 76.767 евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Шкода“, “фолксваген“, „мерцедес“ и „форд“ омилени брендови: Колку возила поседуваат министерствата