Три судски случаи, кои се во фокусот на јавноста подолг временски период, поради разрешувањето на судијата Горан Бошевски од страна на Судскиот совет, ќе треба да почнат од почеток.
Истите веќе поприлично се развлекуваа и без оваа одлука на Советот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавил судијата Горан Бошевски, кој го разреши Судскиот совет
Судскиoт совет го разреши судијата Горан Бошевски
Случај „Траекторија“
Овој случај кој го водеше Бошевски, се однесува за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид,
Случајот се води против ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство.
Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Случај „Талир 1“
Во овој случај Бошевски беше втор судија.
Во случајот обвинети се Груевски, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и Јанакиески, кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, обвинети само за делото „перење пари“.
Чингаровска призна вина и се спогоди со Обвинителството, за што доби условна казна од две години.
За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Случај „Шпански скали“
И во овој предмет Бошевски беше втор судија.
Во случајот „Шпански скали“, освен Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска-Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.
Според обвинението сите обвинети се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на скопскиот плоштад ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.