Кој е Митко Чавков, поранешниот министер кој излезе од затвор

Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков е во фокусот на јавноста, откако вчера беше условно пуштен од затвор.

Тој беше осуден на 18 години затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за настаните во македонското Собрание од 27. април 2017 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поранешниот министер Чавков излезе од затвор

Подоцна нему како и на други осудени во случајот им беа намалени казните. Неговата беше намалена за 2 години.

Казната ја одлежуваше во затворот во Штип, а во неколку наврати бараше повторно судење, тврдејќи дека процесот бил политички мотивиран.

Казната повремено му беше прекинувана поради здравствени проблеми.

Тој издржа една третина од казната.

Кој е Чавков

Роден е на 24. јануари 1963 година во струмичко Ново Село.

Дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Скопје.

Работно искуство и политичка кариера

Професионалната кариера ја започна и ја заврши во Министерството за внатрешни работи (МВР).

По завршување на приправничкиот стаж работел како инспектор во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Потоа бил началник на Секторот за криминалистичка полиција во Регионалниот центар (РЦ) на МВР во Струмица, заменик-началник на РЦ на МВР во Струмица, виш инспектор за дрога во МВР, началник на Секторот за криминалистичка полиција во РЦ на МВР во Струмица и самостоен инспектор за финансиски криминал во РЦ на МВР во Гевгелија.

Работел и како главен инспектор за финансиски криминал во Одделот за организиран криминал во МВР, бил началник на Одделот за организиран криминал во Централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, бил началник на Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Централните полициски служби во БЈБ при МВР, началник на централните полициски служби во БЈБ при МВР и на крај стана директор на БЈБ.

Во мај 2015 година во тогашната влада предводена од Никола Груевски стана министер за внатрешни работи, откако Гордана Јанкулоска поднесе оставка.

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести