Граѓаните кои имаат Ковид-19 и се со полесна клиничка слика, како што е познато, најчесто се лекуваат дома. Терапијата ја препишуваат матичните лекари кои имаат обврска во текот на денот да ги контактираат пациентите.
Лек против Ковид-19 се уште нема, но сепак постои терапија која зависно од симптомите и наоидите, матичните лекари ја даваат. Терапијата вклучува витамини, антибиотици, електролити, пробиотици, како и лекарства за намалување на болките и температурата.
Од витамини вклучени се витамин Ц, цинк, витамин Д3, б-комплекс, исоприносин. Од антибиотици најчесто сумамед во комбинација со трицеф или панцеф. Терапијата исто така вклучува и електролити, пробиотик и парацетамол.
Цените варираат во зависност од производителот. Но, отприлика цената на витамините е околу 1.000 денари, исоприносин е 1.000 денари, трицеф 400 денари, сумамед на приватно е 400 денари една доза, а потребни се две, на рецепта е околу 150 денари, пробиотик околу 300 денари, електорлити, парацетамол околу 100 денари. Доколку е потребна антитромбоцитната терапија таа може да чини околу 3.000 денари, а може и повеќе.
Цената на тестовите е различна и се движи од 1.800 денари приватно во јавните здравствени установи до 4.000 денари во приватните лаборатории.
Имајќи предвид од кој производител се витамините, дали антибиотиците се купуваат фондовски или приватно, каде е направен тестот, колку време трае терапијата еден граѓанин борбата со Ковид-19 во домашни услови би го чинела од 6.000 до 10.000 денари.
Лекувањето пак на едно четиричлено семејство од Ковид-19, надминува една просечна плата.
Но она што е најважно е, ништо од лековите не земајте на своја рака, туку сите консултации треба да ги правите со Вашиот матичен лекар.