Директорот на КПУ „Скопје“, Ѓоко Котевски денеска изјави дека го прифаќа барањето на премиерот Зоран Заев и ќе поднесе оставка по вчерашните физички инциденти во кои учествуваа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се во притвор за настаните во Собранието на 27 април 2017.
Додаде дека оставката ќе ја поднесе кога ќе заврши истрагата.
-Јас сум одговорен човек, професионалец, посветен на службата и кога службата ќе потрфли логично е од професионални и морални причини да се поднесе оставка, изјави Котевски денеска пред затворот во Шутка.
Посочи дека од досегашната истрага на случувањата утврдени се пропусти во постапувањето и непочитување на стандардите безбедносни протоколи во службата за обезбедување во затворот „Скопје“, поради што презема одговорност.
-Повторувам дека според очевидците и писмените изјави на лицата во вчерашниот настан вербалните инциденти ги започнале лицата М.Ј и С.Р., после што биле физички нападнати. Се разбира за сите физички насилства нема оправдување. Тие треба секој да ги осуди, секој од нас и затоа треба да се преземе одговорност, рече Котевски.
Тој најави дека во понеделник ќе биде завршена комплетната внатрешна истрага, а потоа извештајот ќе биде доставен до Министерството за правда, до Управата за извршување санкции и до Кабинетот на премиерот на Република Северна Македонија.
На новинарско прашање, Котевски рече дека во вчерашниот инцидент М. Ј. и С.Р. физички биле нападнати од лицата Л.К. и Е.С.
Котевски рече дека М.Ј. С.Р. не шетале заедно, туку едниот во едно шеталиште, а после еден час и другиот во друго шеталиште. Тој додаде дека овие две лица се сместени во различни пављони.
-Обавени се разговори и земени се изјави од притворените лица кои беа вклучени во немилиот настан, рече Котевски.
МИА/ Фото: Принтскрин од видео на МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев побара оставка од директорот на затворот „Скопје“, Ѓоко Котевски
По инцидентот, Јанакиески и Ристовски префрлени во Хашкиот дел на затворот
Ги откри ли командант Малишева напаѓачите на Јанакиески и Ристоски?
По „тепањето“ на Јанакиески и Ристовски: Организирана политичка пресметка или исцениран случај?