Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против шест лица вработени во кратовската локална самоуправа за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување”, а против поранешниот градоначалник на Кратово М.А. (62) и против Р.С.К.(37) од Кратово, раководител на одделение за финансиски прашања во општина Кратово за сторено кривично дело “несовесно работење во службата”.
Како што соопшти МВР, со првата кривична пријава се опфатени А.Ј.(64) од Кратово, градежен техничар во одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР при Општина Кратово, Ц.А.(56) од Кратово, раководител на одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР при локална единица општина Кратово, С.К.(58) од Кратово, соработник во одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР при локална единица Општина Кратово, М.Б.(70) од Кратово, поранешен референт за собирање и наплата на даноци и комунални такси при општина Кратово, Д.Ф.К.(35) од Куманово, соработник за даноци и такси во одделението за финансиски прашања во општина Кратово, М.К.(58) од село Шлегово, Кратово, даночен извршител во одделението за финансиски прашања во општина Кратово, за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување”.
-Во текот на 2008 година прво, второ и третопријавениот, како членови на комисија за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот во Општина Кратово, при проценка на пазарна вредност на недвижен имот на 11 објекти во сопственост или како корисник на неколку фирми од Кратово извршиле проценка на површина помала за 24.877 м2 од фактичката, по што истата ја запишале во имотните листови на наведените објекти.
По ова, во периодот од 2008 до 2017 година четврто, петто и шестопријавениот, при изготвување на решенија за данок на имот и контрола на проценката на фактичката квадратура, не извршиле соодветна проценка на наведените објекти, додека при пресметката на данокот за истите не ги опфатиле дворните места на наведените објекти, со што изготвиле решенија за данок на имот на наведените правни лица со помал износ, наведуваат од МВР.
Воедно се додава, дека во наведениот период седмопријавената, не извршила должен надзор врз работата на прво, второ, трето, четврто, петто и шестопријавениот, со што овозможила да бидат изготвувани решенија за наплата на данок на имот на наведените правни лица во помал износ.
Исто така, во перидот од 2008 до 2017 година, осмопријавениот, со пропуштање на должен надзор, ги потпишувал изготвените решенија за наплата на данок на имот на наведените правни лица, со што овозможил истите да се стекнат со противправна имотна корист од околу 2.453.120 денари на штета на Буџетот на општина Кратово.