Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе добие еден денар оштета и извинување од ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот претседател на општинскиот комитет за изнесени навреди и клевети за случај од пред две години, информираше тој на својот Фејсбук профил, споделувајќи пресуда од кумановскиот суд.
Тој пишува дека ги тужел и партијата ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот претседател на кумановскиот огранок, Драган Петковски за клевети, нарекувајќи го насилник, кои тие ги изнеле за случајот во кој, наведува Димитриевски, бил физички нападнат од алохолизирани лица на семејна веселба на 5 април 2017 година.
„ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот претседател на огранокот на партијата во Куманово, Драган Петковски имаат обврска да ми се извинат за нанесена клевета и навреда и воедно да ми платат ни повеќе ни помалку, туку ЕДЕН денар оштета.
Да, толку барав, ЕДЕН денар, бидејќи нивниот збор не вреди ниту еден денар, а нивните дела прават голема штета, се обидоа да ме дискредитираат и да ми го нарушат угледот и честа пред граѓаните во уште еден од многуте партиско – полициски монтирани постапки.
Ме нарекоа насилник, криминалец, ме обвинија за настан во кој што и самиот Петковски не веруваше, но по партиска задача читаше напишан текст од кујната на МВРО. Срамно и безобразно продолжуваа со приказната, а сега ќе мора да се извинат, бидејќи вистината е една, а таа секогаш излегува на површина.
Секако, ќе го расчистам случајот докрај и одговорност и за насилниците, но пред се, за инволвираните од страна на МВР ќе има по сите основи, напиша Димитриевски.
Тој пишува дека правдата иако, многупати е спора доаѓа во различни форми.
Фото: Фејсбук/Димитриевски