еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Магла

Горан Теменугов

Да се претставам. Јас сум Горан. Четврт век сум новинар, од што две децении следам економија. Во бројки ¼ век или 20 години економија. Време е да се пријавам и овде, во еМагазин.

Здраво.

Да не ја вртиме многу работава, да кажеме директно. Ама ич не ми е гајле дали Никола Груевски побегнал од држава во „гепек“ и дали ќе биде испратено барањето за негова екстрадиција. Тој наши, нови, пари може да арчи уште само една година, секако ако побара апанажа. Значи, сега си троши тоа што ни го зема за 11 години владеење. Откако побегна и откако ни пишува писма од туѓина, со кои си поигрува со сите нас, а најмногу со оние кои веруваа во правна држава и дека ќе има политичка волја да се расчисти со неговото владеење, навистина воопшто не важно која ќе биде неговата судбина. Нега си остане таму каде што е и еднаш да завршиме со ова поглавје наречено „Груевизам“.

Затоа да престанеме ова прашање да го издигнема како многу важно. Наместо да трошине време на ова, како што јас еве потрошив мое и ваше со воведов, да преминам на главното. Тоа е дека прашањата околу Груевски во моментов се само ширење на магла. Едноставно ништо не значат и не тргаат од главните проблеми. А тоа е на пример, економијата. Европската Унија ни удри заушка дека скоро и ништо не правиме на ова поле. Изнаредија куп стари забелешки и скромно ни кажаа дека дел од реформите нема ни да ги почнеме. А дека треба да се работи, треба.

Неверојатно е со каква леснотија со години, децении ги игнорираме препораките што треба да правиме во економијата. Не дека Унијата има универзален лек за секоја болка, меѓу кои и нашата, туку ни ги кажуваат основните постулати. Ни кажува на кои принципи треба да се потпира економијата, а кој пат ќе си го фатиме, ќе зависи од локалната политика. Затоа ни кажаа дека треба да трошиме колку што ќе создадеме, колку што од економијата и од граѓаните може да се собере. Благо го искараа министерството за финансии околу јавниот долг, кој за ЕУ е загрижувачки. Уште полошо е со невработеноста кај младите. 45 отсто од нив се на улица.

Унијата си зборува, а од Владата велат се е супер. Дека работат. Дека реформираат. Дека само што не ни тргнало на подобро.

Залажувањето е најголемото зло што може да го има политичар. И мислам дека во овие моменти, дел од Владата се однесува како владата на ВМРО ДПМНЕ после 2011 година. Не може да ја согледаат реалноста. И уфрлија во петта брзина на ПР. Кредитен рејтинг – расте. Поврат на 15% од ДДВ. Огромни странски инвестиции. 400 километри патишта. Придобивки од прогресивното оданочување. Намалување на невработеноста и, види „И“, невработеноста кај младите не била толку висока. Врвот на ова е економскиот раст од 4,1 отсто за првите три месеци од годинава.

Кога човек ќе ги слушне ваквите успеси, би требало да се израдува. Но, еве јас сум малку скептик. Дел од податоците се апсолутно точни, како растот на економијата, подобрувањето на кредитниот рејтинг. Но, сите треба да се донесат во релација со вистинскиот живот и што значи тоа. Еве, кредитниот рејтинг. Факт е дека од оценката ББ сега имаме ББ+. Но, за да бидеме сигурна дестинација за странски инвестиции, треба оценка од минимум БББ. Растот на БДП е навистина 4,1%, но во споредба со истиот квартал лани кога растот беше само 0,9%. Странските инвестиции се големи во цифри, но над 80% е реинвестирана добивка на постојните фирми. Прогресивниот данок потфрли. Воопшто не ја намали нееднаквоста меѓу сиромашните и богатите. За бенефитите од враќањето на 15% од ДДВ, допрва ќе видиме. И да, околу невработенсота. Без попис и вистинско пребројување колку сме во државава, ова беше и ќе биде спорна бројка.

Затоа, во моментов не треба да биде важен Груевски, не треба да биде важен ПР и барањата да немаме забелешки и да ги гледаме само убавите вести, туку е време во економијата за вистинско работење. Наместо да се обидуваат да ни ја обојат во розево реалноста, нека сериозно го сработат најважното во овој момент, а тоа е правната држава. Правната држава, каде се почитуваат законите и се СПРОВЕДУВААТ, е основата за се, а најмногу за добра економија. За правната држава, во наредното читање.

Здравејте…

Ставовите на авторот, не се став и на редакцијата на еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: 848 оздравени од Ковид-19

Редакција

Професор Трајковски: Невакцинираните имаат за 7,7 пати поголеми шанси да умрат од Ковид-19 од вакцинираните

Редакција

Виена повторно прогласена за најдобар град за живеење во светот

Редакција