Претседателот на Бугарија, Румен Радев и неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер одржаа работна средба во Стразбур, на која разменија мислења за безбедносната средина во соседните региони на ЕУ и европската перспектива на Република Северна Македонија, соопштија од прес-службата на претседателот на Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев го изразил очекувањето на Бугарија за активен билатерален дијалог на високо ниво со Република Северна Македонија, во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.
Радев, на својот германски колега, му посочил дека Северна Македонија мора да покаже европска зрелост и почит кон вредностите на ЕУ со преземање конкретни активности за ставање крај на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции и јавните медиуми, да престане со фалсификување на бугарското културно и историско наследство и особено за почитување на правата на своите граѓани, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.
На средбата меѓу двајцата претседатели било поставено и прашањето за пристапување на Бугарија во Шенген зоната, за што Софија постигнала техничка подготвеност во 2011 година.
Двајцата лидери, исто така, се согласиле дека Европската унија треба да биде многу поактивна во барањето мирно и одржливо решение за кризите во соседните региони, кои се и причина за зголемениот миграциски притисок врз Европа
Радев вчера во Стразбур разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти неговата прес-служба.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие разговарале за прашањата поврзани меѓу Бугарија и Франција, за влезот на Бугарија во Шенген, како и за европската перспектива на Република Северна Македонија.
Радев на средбата истакнал дека Бугарија ги исполнила техничките критериуми за членство во Шенген уште во 2011 година и дека очекува тоа да биде признато од нејзините европски партнери.
Макрон изразил принципиелна поддршка за позицијата на Бугарија.
Радев посочил дека Бугарија очекува конкретни резултати во дијалогот со Република Северна Македонија, што ќе гарантираат европски вредности во почитувањето на човековите права и прекин на говорот на омраза.
МИА/Фото: Фејсбук/Радев