еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Македонија и ЕУ го потпишаа Договорот со Фронтекс на македонски јазик

Во Владата попладнево е потпишан Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.

Договорот е потпишан на македонски јазик.

Од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која е дел од делгацијата на Фон дер Лајен, а од македонска страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На потпишувањето присуствуваа претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и премиерот Димитар Ковачевски.

-Потпишувањето на Договорот за статусот на Фронтекс претставува уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и С Македонија. Тоа ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот е на македонски јазик, како и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни, информираа претпладнево од Делегацијата на ЕК во земјава.

Договорот за гранично управување, познат како Фронтекс, беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите „македонски јазик“.

Советот на ЕУ на 13 октомври ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Македонија, откако Софија всушност го крена ветото, оставајќи ја формулата македонски јазик недопрена, како што е случај за сите други земји од регионот кои имаат договор со агенцијата Фронтекс.

Договорот потоа беше одобрен и од страна на Европскиот Парламент.

Откако ќе стапи во сила Фронтекс ќе може да биде повеќе инволвиран во управувањето со границите во Македонија во однос на миграциските текови и борбата против „илегалната миграција“. ЕУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на ЕУ.

МИА/Фото: Спасовски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Власта со Кривичниот законик простува даночни измами: Општа амнестија на мала врата

Редакција

Обвинителството бара притвор за уапсениот инспектор на УЈП за поткуп

Редакција

„А1 Македонија“ го доби тендерот на „М.Ж. Транспорт“ за набавка на телекомуникациски услуги вреден 80.000 евра

Редакција