Официјален претставник на руските власти денеска отворено соопшти дека една од главните воени цели на Москва е да се заземе пристанишниот град Мариупол и на тој начин да се поврзат сепаратистичките региони во Украина, јави ДПА.
Кирил Степанов, заменик-претставникот на претседателот Владимир Путин за федералниот округ јужна Русија, изјави дека заземањето на Мариупол ќе обезбеди сигурна копнена врска со анектираниот црноморски полуостров Крим.
„Штом руската војска ќе го стави под контрола патот М14, Крим ќе биде поврзан со источните региони на Доњецк и Луганск преку транспортен коридор“, изјави денеска Степанов за руската државна агенција „Риа Новости“.
Голем дел од областите Доњецк и Луганск се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија, а од почеткот на руската интервенција тие ја проширија територијата под нивна контрола.
Автопатот М14 ги поврзува Одеса во југозападна Украина со Мариупол и оттаму преку руската граница сè до Ростов на Дон.
Инаку, украинските власти ги затворија сите железничките линии кон Крим после руската анексија на полуостровот во 2014 година.
Степанов рече дека наскоро повторно ќе биде отворена и транспортната рута до Одеса.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Мапа: Би-Би-Си