еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Марко Пејчиновски, Личноста на годината на еМагазин: Мајка мѝ секогаш ми кажуваше дека Господ има план за сите и не става во искушенија за да сме посилни

Марко Пејчиновски е сонцето кое силно ни светеше во годинава што изминува и е нашата Личност на годината.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Личност на годината на еМагазин: Марко Пејчиновски

Во интервју за еМагазин тој раскажува за своите големи предизвици, неговата ретка болест, за подготовките за препливањето на долгите реалации…

Почна со предизвиците во препливувања на 12 годишна возраст со кои и возрасни професионални пливачи со големо искуство тешко би се снашле, за да ја подигнеш свеста за ретките болести. Дали се слушна твојата порака во општество, колку си ти лично задоволен?

-Како што знаете и јас имам ретка болест наречена пертес. Пертес е всушност болест кога од непознати причини прекината е циркулацијата на крвта во колкот, со што се прави ослабнување и оштетување на коската. Ја имав „несреќата“, таа болест мене да ме фати на 10 годишна возраст што значеше дека нема вистински лек.

Имав две операции кои привремено го решаваат проблемот на моја возраст. Трансплатација на вештачки колк по завршувањето на фазата на раст би требало да значи конечно решавање на проблемот со колкот.

Но, болеста која што ја имам беше неочекуван благослов, бидејќи заради неа јас почнав со пливање.

Откако успеав со мојот прв соло маратонски предизвик сакав да направам нешто поголемо за да ја кренам свеста за децата со ретка болест, и тоа пробав да го направам со препливување на 64 километарска рута на 13 годишна возраст. Но, за жал поради болки во ногата јас бев принуден да го прекинам тоа пливање.

Најмногу што ме болеше од тоа што не успеав, беше тоа што се чуствував како да ги разочарав децата кои сметаа на мене за да ја кренам свеста за нив. Бев многу разочаран од како тоа луѓето заборавија на децата со ретка болест и продолжија со животите, а посебно за тие со поголемо влијание кои можеа да направат разлика.

Мојата порака беше слушната од сите, но исто така беше игнорирана од повеќето.

Како дојде на идејата тоа да го направиш баш со пливање?

-Како што кажав ретката болест сега ја гледам како најголемиот благослов, кога ја добив не бев свесен за ова и мајка ми секогаш ми кажуваше дека Господ има план за сите и не става во искушенија за да сме посилни и дека никогаш нема да не стави во ситуација која знае дека неможеме да ја поминиме, и сега конечно го сфатив тоа.

Од секогаш сум сакал да спортувам, но кога бев дијагностициран со ретката болест спортовите во кои можев да учествувам беа ограничени. Пливањето беше единствениот спорт каде што немаше напор на ногата и уште од првиот ден се заљубив во него.

Какво е чувството да си во вода и да треба да пливаш и по над 20 часа. На што мислиш во тие моменти, те фаќа ли страв, паника? Тоа е секако и психолошки, не само физички предизвик. Што те води?

-Тоа е екстремно големо психо-физичко оптоварување и не можам точно да ви опишам како е ако не го имате почуствувано тоа. Мозокот ви работи 300 на час размислувајќи на секакви сценарија, случки од животот и тоа што е навистина зафркнато е што останува најмногу на најлошите моменти кои ги имате поминато.

Тогаш во тие моменти се гледа колку сте јаки, колку сте спремни, дали тоа ќе го искористите како мотивација или ќе се откажете, останува на вас. Непријатните спомени ми беа мотив повеќе да се фокусирам и да се бодрам и да си викам, го поминав тоа, ова е лесно.

Нема од што да ме фати страв или паника, се беше на моја страна. Немав капка сомнеж. Сомнежта се отстранува со акција, јас знаев дека ќе успеам, бидејќи знаев низ што поминав и колку време посветив на ова. Има една поговорка: „Здраво тело е здрав ум“, која јас си ја докажав дека е така.

Колку време траат подготовките за овие големи предизвици? 

-Почнуваме со тренинзи 10 месеци пред предизвикот и како се доближуваме до него така тренинзите стануваат поинтезивни. На почетокот еден пливачки тренинг траеше по 1 час, но во последните месец два пред денот, имавме од 3 до 5 часа тренинг на ден.

Настрана од пливачкиот тренинг немав други физички активности поради ризикот од евентуална повреда.

Друга работа, на која навистина работев, беше мојата психичка состојба. Ова е делот каде што најмногу се подобрив. Поминав многу искушениа изминативе години и тоа ме натера да го подобрам моето ментално здравје. Знаев дека ако на некој начин ми недостига физичка подготвеност, силата на волјата ќе го надокнади тоа.

За да се организираат сите овие препливувања се потребни многу средства. Колку државата и бизнис- секторот се расположени да застанат зад нив?

-Ако сме брутално искрени, државата воопшто не помогна во подготовките и реализирањето на овие препливувања. За наша или моја среќа има добри луѓе и големи фирми кои беа тука за финансиски да ми помогнат и на нив ќе им сум доживотно благодарен.

Кои се твоите следни предизвици и кој ти е најголемата подршка?

-Сега за сега, како што се уште го НЕМАМЕ затворениот базен во Охрид, заедно со енергетската криза немам каде да тренирам и затоа ќе го искористам оваа време да си го посветам на мене и на моето семејство. Во моментите кога беше најтешко НИЕ бевме заедно. Доказ повеќе дека семејството е на прво место.

Дали планираш професионално да се занимаваш со пливање или планираш школувањето да те однесе во друга сфера?

-Колку и да го сакам пливањето, нема за мене професионална иднина во него, а исто така не мислам дека има иднина за мене со школувањето. Затоа имам планови кои сега за сега нема да ги откријам, но знам дека, во што и да продолжам во животот, на што и да се посветам, јас ќе успеам.

Сега си веќе тинејџер, што друго те интересира освен пливањето?

-Сакам да гледам спортови како што се фудбалот, боксингот и мешаните боречки вештини, но исто така и видеа за вселената.

Многу ме интересира психолошката страна на луѓето и мислам дека луѓето малку време посветуваат на психата и зајакнувањето на нивното ментално здравје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Оваа се сите кандидати: Новата влада наместо 26 ќе има 19 министри

Редакција

Почнува Велигденскиот пост: Постот е телесен и духовен, воздржување од мрсна храна и од гревовност

Редакција

(Видео) Од денеска на HBO Max „Куќата на змејот“, која е поврзана со приказната во „Игра на троновите“

Редакција