Нова скандалозна изјава на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко ја шокираше јавноста.
На седница на Југозападниот плански регион одржана вчера, во присуство на колеги од другите општини, како што пренесуваат медиумите, изјавил дека ако може да се колат јагниња и овци, зошто тогаш не може кучиња.
.„Да колиш јагне добро е, да колиш јаре добро е, а не смеело куче да колиш. Да тепаме диви животни, да ловиме риба, да уништуваме билна маса. Сѐ правиме нешто што ни е потребно за наш живот, единствено ќе ги чуваме кучињата. Да, да ги чуваме, но тие кои ќе ги чуваат како домашни животни, сѐ друго не може да се чува.
Едно време сите ги тепавме. И со закон бевме поддржани. Тендер правевме со ловното друштво, излегуваа ноќе. Секое куче кое е надвор од контрола на сопственикот треба да се отстрани. По селата ги ништат. Еве јас отворено кажувам, не се плашам ни од закон ни од ништо, ми рече еден во Мислешево, јас наполнав цел трактор“, рекол Мерко, пренесува Алсат М.
На изјавата на Мерко остро регираа од здружението за заштита на животните, „Анима мунди“.
“По само два месеци од масовното убиство на кучиња од Струга, кога вооружани лица среде бел ден стрелале во жива мета по улиците на Струга, фрапантно кршејќи закон; сведочиме на јавно охрабрување за убивање на кучињата.
И тоа не изјави на некој обичен граѓанин туку првиот човек на Струга, кој очигледно залутал во дејност чија одговорност не ја разбира.
Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава! Законите, стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, закана сте по сѐ што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга.
Ова е говор на омраза кој промовира и поттикнува насилство за што треба итно да се биде казнет!
Со вакви сфаќања, повици и изјави човек не смее да биде политичар, уште помалку градоначалник на град и атрактивна туристистичка дестинација во нашата држава.
Од една страна Струга со сите свои убавини, од друга градоначалник кај кој личи дека општествената еволуција застанала, за кого емпатија и хуманост се непознати поими, а насилството, безредието, убивањето животни посакувана норма.
Компаративно одобрување на помало убиство – животно, не може никогаш да го прави истото дело оправдано. Посочуваме и дека во изјавата Рамиз Мерко кажува како жител од село Мислешево убил и натоварил цел трактор со мртви кучиња, бараме институциите, Обвинителелството веднаш да постапи по овој случај на кој Мерко е очигледно сведок и да биде повикан на распит.
Воедно легитимно е да се праша дали градоначалникот на Струга ги поттикнал или ангажирал оние кои во јануари стрелаа бездомни кучиња по градот, загрозувајќи ја безбедноста на сите, а притоа никој да не одговара до ден денес. Одговорност мора да има ако целиме кон правичност и правда, а не кон девијација на и она малку нормално што остана од/во нашава држава!“, велат од таму.