еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Монаси и монахињи на Голем Крчин ќе отслужат божествена утринска литургија

Братството од Бигорскиот манастир и сестринството на манастирот „Свети Георгиј Побдоносец“ од дебарското село Рајчица и оваа година, на 18 август, ќе го организираат најатрактивното искачување на врвот Голем Крчин, што се наоѓа на надморска височина од 2.341 метри, каде ќе се отслужи божествена утринска литургија.

„Исто како и минатата година, наша цел е на врвот на Голем Крчин рано наутро да отслужиме Света Литургија и да се обидеме да ги видиме висините низ една друга перспектива. Оваа година повторно, заради обезбедување на групата, ќе биде присутна и Единица за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид.

Меѓу другото, сите планинарски и алпинистички клубови кои ќе земат учество, доколку сакаат, можат да го помогнат настанот со тоа што ќе пријават и лиценцирани планинарски водичи, со официјално призната лиценца од МАИВП или ФПСМ. Координатор меѓу сите водичи ќе биде лице од манастирот.

Патеката е со средна тежина и искачувањето трае околу четири часа. Панирани се попатни кратки одмори на места каде што има извори со вода, од кои последниот е на средината од патеката, односно кај првата црква. Пријавувањето за учество е задолжително“, вели сестра Ефимија, додавајќи дека заинтересираните може да го пријават учеството на телефонскиот број 070 290 210.

Времето на собирање и поаѓање е во 2:30, односно 3:00 часот. Пристигнување на врвот е предвидено за во утринските часови. Место на собирање е пред поранешната караула во село Битуше, односно од пред скитот во изградба, посветен на Светите Кирил и Методиј. Враќањето е организирано со поаѓање од врвот Голем Крчин веднаш по завршувањето на богослужбата.

„Ги замолуваме сите учесници да присуствуваат на заедничкиот манастирски ручек во Бигорскиот манастир, кој ќе биде послужен околу 13 чаот. Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици.

Наведениот настан е организиран и движењето се одвива во група предводена од организаторот и водичите. Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред почетокот на настанот, доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната опрема за предвиденото патување.

Секој учесник може да биде исклучен од групата поради недолично однесување. Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на настанот во зависност од временските услови и останатите технички препреки“, додаваат од манастирот Бигорски.

Традицијата што ја почнаа монасите и монахињите пред четири години по повод големиот празник Преображение, станува еден од најомилените настани, што од година во година привлекува се поголем број верници.

МИА/Фото: Бигорски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Снежана Караџовска ја разнежни Македонија: Фотографија која ги преплави социјалните мрежи

Редакција

Доаѓа зима: Од утре минусни температури, од вторник снег

Редакција

Времето ќе биде облачно и студено до крајот на неделата

Редакција