На претседателските избори кандидатот Стево Пендаровски освои 51,51 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова 44,93 отсто покажуваат резултатите на Граѓанската асоцијација МОСТ.
Како што кажа претседателот на МОСТ, Дарко Алексов на последната прес-конференција на Граѓанската асоцијација по изборниот ден одѕивот на изборите од ПВТ програмата изнесува 46,55 проценти со маргина на грешка од плус/минус 0,5 отсто, а на гласањето имало 3,56 отсто неважечки ливчиња.
Истата маргина ПВТ програмата ја има и за процентот на освоени гласови за претседател на Република Северна Македонија.
Алексов најави дека прелиминарната оценка за изборниот процес Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ја соопшти утре на прес-конференција и додаде дека во текот на изборниот ден немаше некои драматични случувања.
Граѓанската асоцијација изборниот процес го следеше со 1.500 посматрачи распоредени на 1.160 гласачки места по случаен избор односно покри 33 отсто од гласачките места во државата.
МИА/Фото: Фејсбук/Пендаровски