еМагазин
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Можно намалување на сегашните, поскапени цени на струјата во април следната година, вели Бислимоски

Намалување на цените на електричната енергија може да се очекува од втората половина на април следната година, но тоа намалување е во однос на денешните, поскапени цени, а не во однос на цените од минатата година, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина претседателот на Регулаторната комсија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, кој за време на претседавањето на 50-тиот Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржува во Атина, по втор пат беше избран за претседател на Бордот.

Имајќи предвид што на состанокот освен земјите од регионалната Енергетската заедница, учествуваат и претставници на Европската Комисија, во разговорот за МИА, Бислимоски открива кои се сценаријата за крајот на енергетската криза.

-Нашите пријатели од Европската Комисија кажаа дека во Европа повеќе не се кажува до кога ќе трае енергетската криза, бидејќи што и да кажале во изминатиот период било промашено како датум.

Постои гледање дека намалувањето на цените може да се очекува од втората половина на месец април, па понатака. Но, тоа намалување, да знаеме сите, значи намалување во однос на сегашните цени, во однос на драстичното поскапување, објаснува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.

Посочува дека во однос на минатата година тоа подразбира цени за најмалку два пати повисоки отколку што ги имавме во првиот дел од годинава.

-Тоа намалување е, да не биде 220-230 евра, туку да падне на 110 -120 евра. За такво намалување станува збор, но тоа 110-120 евра за мегават час што го нарекуваме намалување, всушност претставува зголемувње во однос на минатата година за повеќе од два пати, за жал.

Но, верувам дека сега ќе ги чуеме и искуствата од другите земји, а во некои од нив, сигурно ќе бидат вклучени и владите со цел да се стабилизира колку што може ситуацијата во енергетскиот сектор, истакнува Бислимоски.

Додава дека по завршувањето на состанокот во Атина, како Борд на регулаторни тела ќе излезат со заеднички заклучоци, „кои пред сè ќе се базираат на солидарност и меѓусебната поддршка“, но и дека е можно да има барање да се вклучат и владите „со цел да го помогнат влијанието во оваа енергетска криза“.

-Ние не можеме да бидеме изолирани, да кажеме ќе немаме никакви промени кога драстично се зголемени трошоците, но ќе побараме сите чинители во енергетскиот сектор да бидат солидарни и да бидат вклучени и владите во земјите членки на Енергетската заедница со цел да се намали оваа енергетска криза, додава Бислимоски за МИА.

Анализирајќи ја ситуацијата во регинот, вели дека особено е лоша ситуацијата кај земјите што се увознички на електрична енергија и природен гас, а тоа се Северна Македонија, Молдавија, Косово, во одреден дел и Црна Гора зашто цените се драстично зголемени.

Од друга страна вели дека во Босна и Херцеговина ситуацијата е порелаксирана, бидејќи се извозници, особено на електрична енергија, додека во Украина ситуацијата, како и претходно е малку нестабилна, бидејќи, како што вели, имаат проблеми со домашното производство на јаглен.

За Србија, коментира дека ситуацијата е неутрална, бидејќи во најголем дел, своите потреби од електрична енергија ги обезбедуваат од сопствено производство, но вообичаено во зимскиот период увезувааат, па, како што посочува, ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата и во Србија.

Во декември 2019 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, а денеска доби нов, двегодишниот мандат.

Дел од Енергетската заедница, освен Северна Македонија се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Премиерот да се воздржи од искажување лични ставови за медиумите, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Редакција

Продадени два блока од 20.000 акции на Комерцијална банка за 1,9 милиони евра

Редакција

(Видео) Сведоштво на Македонка која ја напушта Украина со автомобил: „Луѓето се во паника дека ќе немаат храна и бензин, има огромни гужви по патиштата“

Редакција