Претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, Глигор Бишев верува дека првите позитивни сигнали на успорување на растот на цените до кои дојде во САД и еврозоната, во претстојниот период ќе се почувствуваат и во Македонија.
Според Бишев, можно е натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги.
„Растот на каматните стапки е процес што се одвива во сите земји со оглед дека инфлацијата е глобална, не не погодува само нас. На тој план, клучното прашање е како да се зголемат каматните стапки, да се намали потрошувачката и на тој начин да се забави инфлацијата и да се намалат инфлаторните очекувања без тие значително негативно да влијаат врз инвестициите.
На светско ниво и кај нас можно е да очекуваме натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги и да се вратиме на ниво на инфлација која ја памтиме во последните десетина година,“ изјави Бишев по првиот панел од конференцијата „Предизвици на економските политики во 2023 година“ што ја организира Стопанската комора.
Тој потсети дека во економијата мерките на економските политики влијаат врз економските движења со одредено временско задоцнување.
„Нема инстантно делување – денеска да ги зголемите каматните стапки, а утре да паднат потрошувачката и цените. За тоа е потребен одреден временски период овие мерки да се трансформираат прво во приватниот сектор, прво банките да ги зголемат позначително каматните стапки, потоа тоа да влијае врз потрошувачката и врз цените.
Овој трансмисиски механизам во мала и отворена економија е потежок зашто голем дел од паричната маса се креира преку земање кредити од странство и преку странските дир инвестиции. Ова е сложена ситуација – од една страна да не ги декуражирате странските инвеститори, а од друга да ја соборите инфлацијата,“ нагласи Бишев.
Во врска со заклучоците од првиот конференциски дел и воведните обраќања, Бишев укажа на заедничката констатација, дека мора да постои суштинско партнерство меѓу деловната заедница и носителите на економските политики.
„Дискусиите при носењето закони треба да бидат суштински, а клучното прашање кога секоја мерка ќе се носи, мора да биде „дали тоа ја зголемува конкруентноста и ефикасноста на компаниите“. Сите сме свесни дека 2023-та ќе биде година со голем број предизвици.
Првиот ќе биде соборувањето на инфлацијата без тоа значително негативно да влијае врз успорување на економскиот раст, вториот се однесува на шоковите од зголемувањето на цените на енергијата и храната, додека третиот на долгорочното преструктуирање на македонската економија кон зелена, кон автоматизација и дигитализација за да стане поконкурента, подинамична што ќе води до зголемување на животниот стандард,“ рече Бишев.
МИА/Фото: МИА