Исплатата на февруарските пензии во етапи заради заштита на пензионерите од Ковид-19 ќе почне утре, 25 февруари, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.
„За пензии до 11.000 денари, исплатата ќе се извршува утре, в петок (26 февруари) ќе се исплаќаат пензии со висина од 11.001 до 14.000 денари.
За пензии со висина од 14.001 до 18.000 денари, исплатата ќе биде в понеделник, 1 март, а наредниот ден (вторник, 2 март) и ќе бидат исплатени и пензиите од над 18.001 денари.
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите може да располагаат од утре, 25 февруари. Тие може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања,“ се вели во соопштението.
Од таму апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.