Во 7 часот утрово најниска температура од -12 степени е измерена во Берово, а утринските температури се под нула во целата држава: -9 во Крива Паланка, -7 во Маврово, -5 во Скопје – Петровец, -4 степени во Претор, Демир Капија, Штип, Виница, Струмица, Гевгелија, Крушево и Куманово, -3 во Тетово, Прилеп и Скопје – Зајчев Рид, -2 во Битола и -1 степен во Охрид и Дојран.
Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), највисока снежна покривка од 31 сантиметар во 7 часот е измерена на Попова Шапка, 24 сантиметри во Лазарополе, 17 во Маврови Анови, 8 во Крива Паланка, 7 во Ѓуриште, 5 см во Пожаране и 2 см во Крушево.
АМСМ утрово соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
Ноќеска и утрово времето беше променливо облачно, на планините во западните делови имаше повремени слаби врнежи од снег. Утрово во централните делови преовладува сончево време. Дуваше слаб до умерен ветер од променлив правец.
УХМР зз денеска најави променливо облачно време, со повеќе сончеви периоди во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Во вечерните и ноќните часови ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег, па снежната покривка ќе се зголеми.
Во западните делови врнежите повремено ќе бидат поинтензивни и проследени со засилен југозападен ветер. Воздушниот притисок значително ќе опаѓа, за повеќе од 10 мерни единици. Максималната температура ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје ќе биде прoменливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Во ноќните часови ќе има врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.