Најтрофејниот македонски автомобилист Игор Стефановски-Иџе обвинува дека е заборавен од Агенцијата за млади и спорт и дека од парите за Автомобилистичката федерација, тој добил нула денари.
По овој повод тој најави и прес-конференција, но во меѓувреме, го пренесуваме неговиот фејсбук-статус:
„Македонското сонце секогаш ќе го осветлува покривот на мојот болид, но со ваквите неспортски потези Агенцијата за млади и спорт (АМС) не заслужува спортска промоција во иднина од моја страна.
Наместо Агенцијата за млади и спорт да биде најголемиот сојузник на врвните спортисти, таа стана најголемата пречка за постигнување на врвни спортски резултати. Срамно е за институцијата која ме има прогласено за најдобар спортист на Македонија за 2014 година, која ми го има доделено највисокото Национално спортско признание и тоа како резултат на моите спортски успеси, оваа година и оваа натпреварувачка сезона, едноставно да ме заборави.
Во услови кога ја имам најголемата поддршка од мојот народ, отсуствува институционалната поддршка. Несвојствено е како најтрофејниот македонски автомобилист од вкупно ???? милиони денари кои се доделени на Автомобилистичка федерација за 2019 година да добие 0 (нула) денари од редовните буџетски средства и од средствата од Игрите на среќа…!!!
Секојдневно добивам безброј пораки од моите македонски фанови со прашањето: Зошто не се натпреварував во европскиот шампионат и дали ќе може да ме гледаат и наредната сезона на најпознатите европски трки каде пред две години бев претендент за титула?
Едноставно е срамно да се каже дека единствената причина за мојата натпреварувачка пауза е тоа што сум заборавен од единствената институција во Македонија која е задолжена за развојот на спортот и поддршка на македонските спортисти“.
фото:Фејсбук/Иџе