Денеска се одржа вонредна електронска седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на која беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на нивото од 1,75 проценти, информираат од таму.
„Ова е второ намалување на каматната стапка оваа година, по намалувањето во јануари кога во услови на високи девизни резерви и ниски инфлациски движења, а при присутни глобални ризици, вклучително и од ширењето на вирусната инфекција Ковид-19 (корона вирус), ја олабавивме монетарната политика.
Потребата од одржување вонредна седница произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција Ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија,“ велат од Народна банка.
На седницата повторно биле разгледани најновите економски показатели, при што се разговарало за ефектите од појавата на Ковид-19 врз глобалната и врз македонската економија.
„Големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусната инфекција. Иако тековниот шок е од неекономска природа и најверојатно нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите на трајна основа, неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија најверојатно ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност,“ се додава во соопштението.
Народната банка разгледува и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во вакви околности кога таа е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок.
Овие мерки се однесуваат на евентуални промени коишто ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања.
„Повторно напоменуваме дека засега тековите се стабилни, а Народната банка е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност.
Во овој контекст, нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира, доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите.
Банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу коишто се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот Ковид-19 на глобално ниво. Домашниот банкарски систем е здрав, солвентен и ликвиден и е во подобра состојба од периодот на почетокот на глобалната финансиска криза во 2008 година,“ велат од Народна банка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Гардијан“: Епидемијата на коронавирусот во Британија ќе трае до следната пролет во 2021 година
Филипче апелираше да не се создаваат гужви во маркетите, за да се спречи ширење на корона вирусот
Корона вирусот ја урна цената на горивата: Рекордно намалување на бензинот и дизелот