еМагазин
Image default
Македонија

Не се чувствувам како уценет политичар после се, вели Заев

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата рече дека не се чувствува како уценет политичар после сите случувања во текот на преговорите со Грција, амнестијата, преговорите со политичките партии.

Најмногу не, а и сигурно не, заради тоа што се што работевме во Македонија работевме максимално транспарентно, рече Заев.

Граѓаните, дополни, ги знаат деталите и секогаш бевме дури на ивицата да го загрозиме процесот на преговори со Грција кога споделувавме се со граѓаните.

– Целиот процес секој мора да потврди дека го водевме максимално транспарентно и одговорно, знаејќи колку е голема цената за иднината на оваа наша земја, но и колку е горка одлуката што треба да се донесе. Но, не е лесно и во Грција, гледате. Тоа само по себе прво потврдува дека имаме фер и праведен договор, добар и исклучително само добар за двете земји.

Реакциите на двете опозициони партии е исто така потврда и во Грција и во Македонија дека буквално се работи за исти придобивки на двете страни. Истовремено целиот овој процес што се случуваше во Македонија го водевме максимално транапарентно и со политички алатки, не со алатки на правосудството, не со алатки на не знам кои други – директно чесно, транспарентно, јасно закони донесовме, одлуки донесовме што зависат од нас политичарите, појасни Заев.

Изрази убедување дека и дома може да се помириме како што го направивме тоа со соседите како што е Грција со која си подадовме рака за толку чувствителен проблем.

– Во државата останавме 1,5 милиони можеме да се помириме секако преку јасна одговорност внатре, преку транспарентно поставени процеси заради тоа што, реков, со Законот за амнестија ова е само почеток на помирувањето. Младите мора да ни се помират и меѓу ВМРО и СДСМ и меѓу Македонци и Албанци, и меѓу градови и села. Насекаде.

Имаа брат со брат заради политика не разговараат. Тоа не е здраво. Не носи тоа прогрес. Мораме општините да ги здушиме. Има советници коишто се во војна како и ние тука во Парламентот.

Политичка волја, оти ние во раководните структури на општинско ниво и на државно ниво испраќаме пораки и до нашите млади на улицата, во селата, во градовите како треба да се однесуваат граѓаните. Помирувањето е здраво и и треба на Македонија. Транспарентно ќе го правиме паралелно со сите овие економски реформи, економски прогрес и сите други реформи коишто ќе се случуваат во Македонија, појасни премиерот.

Прашан дали е свесен оти ќе плати политичка цена за ова што го прави, Заев дециден дека тоа е оценка на граѓаните, кои своето ќе го кажат на избори.

– Моја задача е тоа што го правам го најавувам, транспарентно се прави и граѓаните носат оценка. Тие може да не се согласуваат со Зоран Заев да отвори еден ваков процес на помирување на пример, и тие своето ќе го кажат на првиот мегдан на избори.

Денеска во Македонија го кажуваат на сите можни начини, преку вас медиумите, Фејсбук, Твитер, преку сите можни аспекти, но ќе се согласите, огромно мнозинство дава поддршка на ова што се случува во државата. Дваесет и седум години чекавме застанати овде буквално во место додека светот оди напред. Младите ни бегаат секој ден. Задача е да обезбедиме амбиент. Ова е делот на амбиентот. Останатиот дома сами мора да го обезбедиме. Пријатели имаме, видовме од секаде, но работата што мораме дома сами да ја завршиме е наша работа, рече Заев.

Според него, политичари коишто се за граѓаните и за државата носат одлуки без разлика на политичките поени што ги добиваат или ги губат или ќе ги сменат, ако државата оди напред.

– Политичари има и ќе има, ќе доаѓаат но сите ние ја создаваме матрицата на денешното живеење и испраќаме порака кон младите генерации каква земја, какво општество им ставаме. Дали е тоа вредно во нивните размислувања е доволно за да останат дома или е невредно за да бидат разочарани па да гледаат само иднина надвор, изјави Заев на денешната прес-конференција.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заев почна да го користи името Република Северна Македонија

Името Република Северна Македонија влегува во меѓународна употреба веднаш, за домашна во следните 5 години

Твитер за „Северна Македонија“: „Дали Груевски може да се врати, пошто државата која го гонеше веќе не постои?“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поранешен португалски министер: Битката околу Македонија се води меѓу Западот и Кина, а не Русија

Никола Осило

Дали СЈО може да покрене обвинение по 18 месеци: Општа седница на Врховен суд

Редакција

Полицијата по втор пат го побара Груевски во неговиот дом, но не го најде

Редакција